Заев: Или гласајте ги законите или нема избори во април!

Премиерот Зоран Заев вчера најави дека предвремените парламентарни избори закажани за 12 април 2020 година може да се одложат, ако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ продолжат да го блокираат суштинските закони во Собранието.

– Ако опозицијата ги кочи суштинските закони за пензиите, за социјалните трансфери, за зголемување на платите, за сè што значи живот за граѓаните, тогаш изборите може да се одложат. Ова не го испраќам како закана. Перфидноста на користењето на филибастерингот за изборното законодавство или за пензиите може да значи и пролонгирање на процесите. Не го посакувам тоа. Сум кажал дека изборите не треба да се одложуваат, но одговорност е на сите да не се закочи реализација на она што значи интерес на граѓаните – рече Заев.

Опозицијата му одговори дека власта имала три години за да ги донесат сите важни закони, а не го сторила тоа.

И ова вчерашно меѓупартиско препукување наликува на дел од предвремената неофицијална кампања која засега ниту една надлежна институција не ја регистрира, ниту ја казнува. Секојдневно на редица трибини, собири, средби со граѓаните и прес-конференции власта и опозицијата си разменуваат обвинувања кој повеќе ја упропастил државата и тоа на сите можни теми – од загадениот воздух до невладеењето на правото, па и вчерашниот ден беше одбележан од негативната кампања во која во прашање беа доведени и самите предвремени избори.

Запрашан дали поднесените 120 закони во Собранието се еден вид предизборна кампања на власта, премиерот Заев вчера рече дека и минатата година завршила со 90 закони во Собранието, а голем дел од сега поднесените се поради усогласување со намалените прекршочни казни. Тој очекува започнатите постапки за носење на законите да завршат и предупреди дека „ниту пратениците ќе гласаат, ниту Собранието ќе се рапушти на недонесени закони“.

– Ако има закони што не се завршени, а имаат импакт во април, мај, во септември, нема логика да се гласа за распуштање на парламентот – рече Заев.

На ова генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев одговори дека избори во април ќе има.

– Има помалку од 10 дена од заминувањето на Заев од премиерската позиција. Веројатно човекот го фаќа паника и во немање друг маневар се обидува на секој можен начин да ги одложи изборите. Изборите се договорени од сите политички субјекти на лидерската средба кај Пендаровски и од тоа нема бегање – рече Јанушев и додаде дека власта имала три години за да ги донесе сите закони за кои сметале дека им донесат бенефит на граѓаните.

Пратеникот Илија Димовски вчера во Собранието изјави дека тие не правеле проблем во Собранието за суштинските закони туку за кршење на Деловникот, кога се ставаат точки на дневен ред што не исполнуваат деловнички услови.

– Правиме проблем кога се блокира Собранието во една недела со 300 закони, а во целиот мандатен период од три години наназад нема донесено 300 закони. Правиме проблем кога на опозицијата не ѝ се дава основно право од 130 точки да предложи барем една точка, како нашата идеја да разговараме за аерозагадувањето и животната средина – рече Димовски.

И ДУИ, коалицискиот партнер на СДСМ, е за избори во април, на кои, според пратеникот Артан Груби, ги чекала убедлива победа, по која ќе биле фактор за формирање влада.

– Ги поддржуваме сите законски решенија, било да е тоа Законот за Армијата, Законот за ЈО, па дури и инкорпорирањето на препораките од ОДИХР и ОБСЕ во Изборниот законик, кои би сакале да се усвојат во текот на јануари, по изборот на преодната влада, која ќе треба да ги организира изборите – рече Груби.

И албанската опозиција сака избори, кои, спред БЕСА, се веќе договорена работа кај претседателот на државата.

– Изборите не треба да се условуваат со какви било донесувања суштински закони, така како што рекол премиерот. Владата доцни во реализирањето на својата програма. Доцни во доставувањето на многу проекти што требаше порано да се достават до Собранието и сега не треба да се бара некакво образложение во некои суштински закони за да се одложат изборите – изјави пратеникот Фадил Зендели од БЕСА.

ДИК: Ова не е кампања

Кампањата е во полн ек, но ниту една политичка партија досега не е казнета поради предвремен старт, а најверојатно нема ниту да биде казнета, затоа што во Изборниот законик нема дефиниција што се подразбира под предвремена кампања. Од Државната изборна комисија за „Слободен печат“ велат дека изборите сè уште не се распишани, па затоа настаните што партиите ги организираат не се сметаат за кампања.

– Со оглед на фактот дека официјално сè уште не се распишани изборите, согласно член 69а од Изборниот законик, трибините, средби со граѓани и собирите што ги организираат политичките партии не можат да се третираат како предвремена кампања – велат од ДИК.

Според овој член, за изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од учесникот во изборната кампања, јавно истакнување плакати, видеопрезентации на јавни места, изборно медиумско и интернет-претставување, дистрибуирање печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми. Изборната кампања почнува 20 дена пред денот на изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот