Заев-Брнз: Односите меѓу Северна Македонија и САД се пример за партнерство и сојузништво

Премиерот Заев и американската амбасадорка Брнз / фото: Влада на РСМ

Премиерот Зоран Заев денеска ја прими амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз, која на почетокот на средбата го изрази своето, како и сочувството на народот на САД за жртвите од пожарот во модуларната Ковид-19 болница во Тетово.

Премиерот Заев, како што соопшти владината прес-служба, информираше дека е во тек сеопфатна истрага за случајот во која покрај домашните, вклучени се и експерти од Германија во делот на форензиката, за да се утврдат најточните причини за пожарот со трагични последици.

Заев и амбасадорката Брнз истакнаа дека денешната средба се остварува на денот кога пред 26 години двете земји воспоставија дипломатски односи на ниво на амбасади. Двајцата соговорници се согласија дека Северна Македонија и САД продолжуваат да ги продлабочуваат меѓусебните односи и соработка, како и застапувањето и афирмацијата на заедничките вредности во НАТО.

Амбасадорката Брнз се заблагодари за поддршката на Северна Македонија во прифаќањето на граѓаните на Авганистан и нагласи дека гестот е силна порака како постапува земја сојузник и членка на НАТО.

На средбата стана збор и за соработката меѓу двете земји на економски план, при што беше поздравен интересот на американските компании да бидат дел од процесите за транзицијата од фосилни кон обновливите извори на енергија, што доаѓа како резултат на позитивните политики што на овој план ги спроведува Република Северна Македонија.

Како што се додава во соопштението, како позитивна е оценета определбата на Владата за справување со корупцијата, при што е истакнато дека кампањата за борба против оваа појава има за цел не само да ја промени перцепцијата, туку и системски да ги елиминира причините за коруптивно однесување.

Премиерот Заев во разговорот со амбасадорката Брнз истакна дека процесите за почеток на локалните избори, како и текот на пописот се одвиваат според предвидената и очекувана динамика.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот