Зад судирот на Груби и Меџити стојат амбициите на Муса Џафери?

Оваа политичка војна во ДУИ меѓу Артан Груби и Иџет Меџити, всушност е војна меѓу двајцата основачи на овој субјект, Али Ахмети и Муса Џафери – тврдат високи извори во партијата на Ахмети за „Слободен печат“.

По осумчасовниот состанокот на централно раководство во Тетово во саботата Ахмети изјави дека во ДУИ „не останува ништо неразјаснето“. Ахмети рече дека не се зборувало за разрешување на Груби, а несогласувањата меѓу групите ги опиша како губење време.

– Да, да, да, не останува ништо неразјаснето до последниот атом. Воопшто не се зборуваше за оставка. Разговаравме за принципите, стратегиите, програмите и задачите што ни очекуваат – изјави Ахмети по состанокот.

Изворите велат дека станува збор за лични амбиции на повеќе видни членови на партијата, а не за судир на генерации или фракции.

– Џафери се обидува да го преземе раководството на партијата, но не директно. Тој сака да постави некој од неговата група, лојална личност. Оваа индиректна битка излезе на виделина по гласините дека Ахмети ќе поднесе оставка како лидер на партијата и ќе се повлече од политиката. Муса Џафери стои зад Изет Меџити, не заради принципите, не заради политиките на ДУИ, туку заради партијата, сака да биде на чело на ДУИ – велат партиски извори. 

Селим Ибраими од Институтот за безбедносни студии и развој вели дека несогласувањата во  ДУИ се лични, а не програмски.

– Несогласувањата не излегоа од програмски уверувања, туку избувнаа откако Груби се искачи во врвот на извршната власт, а Меџити почна да обвинува за неуспех на програмата или проектите. Нема никакво несогласување ни помеѓу Ахмети и Џафери, бидејќи тие секое попладне и вечер ја поминуваат заедно во Зајас. Оваа форма на партиски кариеризам е изразена и во другите партии – вели Ибраими за „Слободен печат“.

Поради судирите во ДУИ блокирана е и работата на Собранието. Меџити во последната изјава најави дека ќе се врати во Собранието, но нема да се откаже од интерпелацијата против вицепремиерот за политички систем, Груби.

– Ќе продолжам да одам во Собранието, каде што се во право ќе ги подржам, таму каде што не се во право ќе ги критикувам. Опцијата за интерпелација на Груби останува – изјави Меџити, потпретседателот на ДУИ.

Универзитетскиот професор Беса Кадриу вели дека триењата во партиите ја истакнуваат потребата од нивно реформирање, додека во повеќето случаи тие докажуваат дека нема доволно демократија.

– Во рамките на албанските политички субјекти, промените се очекуваат веќе некое време. Триењето во партиите често се јавува помеѓу субјектите, тоа овозможува да се разбере дека има големи незадоволства, како во опозицискиот блок, така и на оние на власт – рече Кадриу.

Инаку, по формирањето на Владата, групата на потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, Муса Џафери, Садула Дураку и Блерим Беџети јавно се истакна како незадоволна формација од владиниот кабинет на ДУИ. По потпишувањето на договорот за коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, најмалку двајца пратеници избрани на изборите на 15 јули 2020 година изјавија дека нема да гласаат за владата, како резултат на незадоволството при изборот на имињата на министрите, што го одложи гласањето на новата влада за неколку денови.

Дури и Меџити, како координатор на пратеничката група, не се појави во Собрание неколку недели. Горенаведената група неодамна се состана неколкупати за да даде директна порака за нивното незадоволство, но се чини дека состанокот во саботата го смири судирот во ДУИ. Ахмети веќе неколкупати го повтори ставот дека нема да има реконструкција на владиниот кабинет.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот