Заборавените објекти од „Скопје 2014“ ќе се довршуваат догодина, Мицкоски би сакал да бидат модерни
Според премиерот Христијан Мицкоски, во ребалансот на буџетот не се предвидени пари за таа намена, но средства, како што рече, ќе се обезбедат во наредниот буџет, за 2025 година.
И по 10 години од спроведувањето на проектот „Скопје 2014“, со кој владата предводена од тогашниот премиер Никола Груевски комплетно го смени ликот на централното градско подрачје, „преслекувајќи“ ги зградите во барок, градејќи фонтани и поставувајќи споменици, дел од почнатите објекти останаа недоизградени.
Таков пример е споменикот на Мајка Тереза, кој иако е дивоградба, досега не се најде решение што ќе се прави понатаму. Излупени останаа и фасадите на „Пелагонија“ и на зградата на ЕСМ, кои требаше да бидат со барокни фасади. На зградата на ЕСМ на горните катови зјаат и дупки без прозорци, што навестува дека и внатрешноста на објектот е во ужасна состојба. Претходниот градоначалник Петре Шилегов не дозволи да се спроведе планираното, па објектите останаа без фасади. Околу плоштадот сѐ уште висат скелиња и на неколку други објекти, кои ги градат приватни инвеститори.
Плоштадот Македонија и неговата непосредна околина, што треба да е лицето на градот, всушност е грда слика на она што некогаш беше Скопје, иако овој простор е прв на списокот за посети на многубројните туристи што престојуваат во Скопје.
Никој не ги довршува фасадите на „Пелагонија“ и на ЕСМ, што „Скопје 2014“ ги соголе
Според најавите на премиерот Христијан Мицкоски, недоизградените објекти од проектот „Скопје 2014“ ќе се довршат, но не годинава, затоа што со ребалансот на буџетот не се предвидени пари за таа намена. Средства ќе се обезбедат во наредниот буџет, за 2025 година.
Мицкоски се согласува дека недовршените објекти од проектот „Скопје 2014“ го грдеат лицето на главниот град и посакува поскоро да бидат завршени, иако, како што рече, е љубител на модерниот стил и би сакал така да се довршат објектите, но сепак, како што кажа, тоа ќе го кажат архитектите.
Навистина тоа е прашање што мене лично многу ме засега како човек роден во Скопје, израснат тука и навистина е тоа премногу грдо онака како што изгледа сега незавршена и недовршена и бараме начин за голем број од тие објекти како да ги завршиме. Јас за вкусовите не сакам да дискутирам, можеби некој има одреден правец во уметноста што му се допаѓа, некој има друг правец во уметноста што му се допаѓа, можеби мене тоа што не ми се допаѓа некому му се допаѓа, но јас сум љубител на модерниот стил и би сакал тие згради и објекти што вие ги споменавте да бидат час поскоро завршени само за да не го грдат лицето на главниот град бидејќи се заборавени – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Царинската управа околу тоа што планира Владата со незавршените објекти од проектот.
Минување под зградата на „Пелагонија“ на сопствен ризик, паѓаат парчиња од недовршената фасада
Според него, во ребалансот не се предвидени пари бидејќи се правеле анализи каков е правниот статус на овие објекти, затоа што дел се приватни инвестиции, кои државата не може да ги доградува и санира, но како што рече сакаат да поразговараат со инвеститорите за да се завршат.
Прочитав еден податок дека бројот на туристи кај нас е зголемен за 11 проценти споредено со минатата година, додека читам во околината оние традиционално интензивни туристички држави имаат намален број туристи годинава, во некои од државите и до 20-25 проценти. Затоа овие објекти треба што поскоро да се завршат – рече премиерот.
За проектот „Скопје 2014“ владата на Груевски потроши повеќе од 700 милиони евра.