Минување под зградата на „Пелагонија“ на сопствен ризик, паѓаат парчиња од недовршената фасада

Зградата на „Пелагонија“ во најстрогиот центар на Скопје, една од оние кои требаше да добијат барокна фасада во рамките на фамозниот проект „Скопје 2014“ со години стои соголена. За новата фасада требаше да се потрошат околу 2 милиони евра, но и откако ексградоначалникот Петре Шилегов не потпиша таков договор и го запре барокното „преслекување“ на објектот, оттогаш до денес оваа зграда не доби никаква фасада – ниту скапа ниту евтина.

Во меѓувреме од неа беа тргнати скелињата, нема никаква заштита на започнатата и недовршена фасада, на неа стрчат само прозорците подиздадени нанадвор и така, препуштена на сите временски услови, сериозно станува небезбедна за граѓаните кои минуваат под неа. Со оглед на фактот дека таа е сместена на многу фреквентна локација, минувачите не се малку на број.

Деновиве во нашата редакција се обрати граѓанин, кому минувајќи под зградата пред нозете му паднало парче од фасадата.

Срамно е ова што се случува, за малку ќе настрадав јас или жената со детето што ми доаѓаше во пресрет, затоа што парче од зградата буквално падна меѓу нас. Па ако веќе не ја прават или не знаат што да и прават, барем нека стават некоја заштитна мрежа или ограда додека некој не настрадал. Запрепастувачки е колку никој не се грижи за ништо, а најмалку за безбедноста на граѓаните. Колку што знам, фасадата е во надлежност на Град Скопје. Планираат ли некогаш да ја завршат или чекаат некој минувач да биде повреден? – револтирано раскажува нашиот сограѓанин.

За жал од Град Скопје, не одговараат на повеќепати поставеното прашање од „Слободен печат“ – има ли намера Град Скопје нешто да преземе и кога во врска со завршување на фасадата на зградата на „Пелагонија“. За една година, новото градско раководство воопшто не соопшти какви планови има и што ќе прави со недовршената фасада.

Последната информација датира од времето на Шилегов, кога тој објасни дека повеќе од една година се вршат преписки со сопственикот на објектот, „Др Пановски“ бидејќи согласно договорот со Градот, фирмата требала да предложи член на комисијата која ќе распише конкурс за идејно решение. Потоа ништо повеќе не беше ниту соопштено, ниту преземено, како сите да заборавија на овој објект.

Обновувањето на фасадата на зградата на „Пелагонија“ почна во 2015 година, кога тогашниот градоначалник Коце Трајановски склучи договор со „ЛСГ Билдинг Солушнс“ од Скопје, фирма која како што информираа, доставила најниска цена во конкуренција на шест компании.

Идејата за менување на фасадите на модерните згради во барок датира од почетокот на реализацијата на проектот „Скопје 2014“, но на првиот тендер за избор на идејно решение на оваа зградат во 2011 година никој не се јавил. На вториот конкурс, спроведен истата година првонаградено беше идејното решение на Лазар Димов и Никола Стакинов. Во 2014 година во реконструкцијата на оваа фасада се вклучи и фирмата која е сопственик на зградата „Д-р Пановски“, но досега нема никаква реализација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот