За време на полицискиот час сите по дома, а бездомниците каде?

Полицискиот час, односно забраната за движење по 21 часот, им го отежна функционирањето на граѓаните, но пред се на луѓето кои на крајот од денот немаат каде да се вратат. Бездомниците се тие кои имаат најголем проблем да ја испочитуваат наредбата, во вечерните часови да се остане дома, бидејќи тие немаат дом. Во Скопје се регистрирани 180 бездомници. Дел од нив со помош на Црвениот крст на Град Скопје, се сместени во Чичино село, дел се во соби, а дел во домот Ранка Миланович, информира секретарот на Црвениот крст, Сузана Тунева Пауновска,.

– Пункот за бездомници има капацитет да згрижи 45 бездомници, но во нормални услови, сега тој капацитет е преполовен, бидејќи ги следиме препораките од Министерството за здравство за одржување на растојание од 1,5 метар. Во Ранка Милановиќ обезбедивме 13 душеци согласно стандардите, ако има потреба ќе сместуваме бездомни лица и во Момин Поток, но засега го задржуваме старото темпо на работа, односно пунктот го отвораме секој вторник и петок, но само за да овозможиме бездомните лица да се избањаат и да добијат лекарска помош и лекови, додека за преспивање пунктот го отвораме само во време на екстремно ниски температури – објаснува Тунева- Пауновска.

На нашето прашање, дали на сите бездомни лица во Скопје им е обезбеден престој во време на вонредна состојба, Тунева одговара дека корисниците на нивните услуги се згрижени, а останатите не сакаат да бидат однесени во некој од домовите.

– Наш мобилен тим секојдневно врши дистрибуција на ракавици, маски и средства за дезинфекција, кои се наменети за бездомниците. Покрај тоа се прави и едукација, односно постојано им се повторуваат насоките и препораките на Министерството за здравство, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот кај оваа категорија на граѓани – посочува Тунева.

Ромите не се наши корисници

Голем дел од Ромите кои живеат под мостовите и под Кале не ги користат услугите на Црвениот крст. Не затоа што не се добредојдени во друштвото на корисници на Црвен крст, туку затоа што самите избираат да не влезат во системот на граѓани на кои ќе им биде обезбедено живеалиште, но и останати услови за малку понормален живот, од тој што им го дава улицата.

– Сме се обиделе да ги сместиме и нив, но имаме впечаток дека каде и да ги однесеме, тие ќе најдат начин да избегаат. Тоа е нивниот избор, и ние не можеме да ги држиме против нивна желба вели Сузана.

Останува нејасно прашањето, дали бездомниците се прекршители на полицискиот час?

Ако дел од бездомните лица, и покрај можноста да добијат сместување одлучуваат да останат на отворено, и да се шетаат низ скопските улици, и покрај ограниченото движење за време на полицискиот час, останува нејасно дали треба да им биде простено, за евентуално ширење на коронавирусот?

– Доколку полицијата ги лоцира, веднаш ги носи во Ранка Милановиќ – додава секретарот на Црвениот крст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот