За Владата препораката за седење дома поради коронавирус е обврска, за дел од газдите не е

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Секое непочитување на препораката за ослободување од работни обврски на еден од родителите на деца до 10-годишна возраст, да се пријави во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31, соопштија од Министерството за труд.

Градинките, училиштата и универзитетите од вчера не работат, а еден од родителите на деца до 10 години, може да не оди на работа со потврда од училиште или од градинка.

Оваа мерка вчера различно беше толкувана од Владата и од работодавачите. За Организацијата на работодавачи ова е препорака, не е наредба и тие ќе ја почитуваат само таму каде што можат, а за Владата непочитувањето на мерката е кривично дело, согласно со одредбите на Кривичниот законик, што се однесуваат на ширењето заразни болести.

Министерот за администрација Дамјан Манчевски објасни дека дома може да седи родител на дете што е само во воспитно-образовниот процес за да има кој да го чува, освен вработените во здравствениот сектор, безбедноста и полицијата.

– Одлучивме тоа да биде мерка за деца до 10 години, односно заклучно со четврто одделение, до кога постои и дневен престој, односно до кога сметаме дека им е неопходен надзор на родител – рече Манчевски.

Владата донесе одлука и да ги затвори дневните центри за згрижување лица со попреченост, а родителите на децата до 26 години, да ги ослободи од работа. И во овој случај е потребна потврда дека лицето е корисник на услугата во дневен центар за лица со попреченост.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера беше дециден дека ослободувањето од работа на еден родител во времетраење од 14 дена, важи и за државниот и за јавниот сектор.

– Доколку работодавачите не им дозволат на вработените да не одат на работа, тие веднаш треба да се обратат во Трудовиот инспекторат. Во овој случај важат одредбите за Кривичниот законик за заштита на населението од заразни болести – рече Манчевски.

И од Министерството за труд преку соопштение ги повикуваат работниците да се обратат до Трудовиот инспекторат ако работодавачите не им овозможат платено отсуство поради коронавирусот.

„Секое непочитување на препораката за ослободување од работни обврски на еден од родителите на деца до 10-годишна возраст да се пријави во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31“, соопштија од Министерството за труд.

Во Кривичниот законик, во членовите 205 и 206, е регулирано однесувањето на населението заради сузбивање заразни болести.

„Тој што со кршење прописи или наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување болни или некои други мерки за сузбивање или спречување заразни болести кај луѓето (…) предизвика пренесување заразна болест, ќе се казни со парична казна или со затвор до три година“, пишува во Кривичниот законик.

Работодавачите во своја одбрана велат дека Владата за приватниот сектор донела препорака, а не пропис или наредба.

Работодавачи: Не можеме да ги пуштиме сите родители со мали деца на платен одмор!

Во трудоинтензивните гранки, како што е текстилната индустрија, каде што проценуваме дека околу 30 отсто од вработените се мајки со деца до 10 години, не можеме сите да ги пуштиме на платен одмор, затоа што тоа ќе значи ставање клуч на врата.

Ова за „Слободен печат“ го изјави Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.

– Станува збор за фабрики со поврзан систем на работа. Така, ако еден не е на работа, не може да работи ни другиот што е на работа. Ако ние дозволиме 30 отсто од вработените да не ни одат на работа, подобро да ја затвориме фабриката. Ако некој навистина не може да се организира со детето, може да му излеземе во пресрет. Но, не на сите – дециден е Димитров.

Тој вели дека ова е препорака на Владата за приватниот сектор и не може насекаде да функционира.

– Секако, во некои фирми ова може лесно да се организира. Некаде нема толкав број мајки со деца, некаде може да се организира и работа од дома, но некаде препораката е неприменлива – вели Димитров.

Не одете по потврди во школи и градинки, ќе ги однесете после

Мајките што вчера отишле во градинка или во школо по потврда за да докажат дека нивното дете оди во градинка, наишле на затворени врати. Тие прашуваат како сега да им ги обезбедат на работодавачите неопходните потврди за да може да не одат на работа во наредните 14 дена, согласно со препораките на Владата.

Од Министерството за труд и социјална политика соопштуваат дека потврдите треба да се достават до терминот за пресметка на следната плата. Ова значи дека тие сега само треба да ги известат работодавачите, а по враќањето од отсуството, тоа да го регулираат со потврда.

Сојуз на стопански комори: Државата да ни помогне

Кај компаниите постои расположение да се почитуваат мерките што Владата ги донесе за справување со штетните последици од Ковид-19, но за да се спречат поголеми штети по економијата, мора да се размислува и за ургентна и навремена помош, која институциите би му ја овозможиле на приватниот сектор, вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

– Мора да се размисли и околу тоа дали и колку ќе можат компаниите да го издржат притисок што доаѓа од различни страни. Верувам дека институциите ќе реагираат навремено и дека ќе преземат мерки по примерот на САД, Германија, Словенија, за да се намалат штетните последици по економијата – вели Арсовска.

Според неа, на приватниот сектор може да му се помогне на различни начини, преку одвојување средства во буџетот, привремено ослободување или одложување на плаќањата на даночните обврски или, пак, преку поволни кредитни линии и можности за репрограмирање на обврските што би ги овозможиле институциите и банките.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот