За ненавремено пријавена имотна состојба Ѓорѓиевски платил казна, до петок ќе го пополнел анкетниот лист
Зошто досега нема пријавено имотна состојба и каква порака им праќа градоначалникот на граѓаните кога мисли дека е над законот, а дека сите други треба да го почитуваат, праша денеска од говорницата на седницата на Советот на Град Скопје советничката од Левица Евгенија Станковска.
Препорачано
Таа посочи дека за непријавена имотна состојба градоначалникот Орце Ѓорѓиевски добил две казни, но градоначалникот ја коригираше дека станува збор за една казна, која веќе ја платил. Како што посочи, до петок ќе го пополни и анкетниот лист.
Имав една казна и платена ми е, јас кажав и во некои од медиумите дека тоа е моја грешка, но човек сум јас како и сите останати, поради обврските во градот не сум стигнал. До петок ќе биде пополнет анкетниот лист. Треба секој кој има одговорност да постапи според она што е негова одговорност и да си ги сноси последиците доколку направи грешка. Мојата имотна состојба не е ништо поразлична од состојбата кога си бил во Општина Кисела Вода и тоа со допис го имам испратено до Антикорупциската комисија – рече градоначалникот.
Тој тврди дека секогаш уредно постапувал, но овој пат задоцнил.
Мојот став е дека секој што ќе се огреши пред законот дали кривично или прекршочно треба да си ги сноси последиците и бегање од тоа не треба да има и кога станува збор за мене – истакна Ѓорѓиевски.


