Зa македонцките работи

Фото: Ерол Шаќири

Македонците како народ имале изградено национална (македонска) свест многу пред конституирањето на македонската држава како посебна федерална единка во рамките на Југославија. Македонската држава била неминовност и Тито и комунистите, а и западните сили тоа многу добро го знаеле, затоа што секое друго решение освен посебна држава на долгорочен план не би успеало, нити како дел од Србија или пак како дел од Бугарија.

“Секој човек е како сите други луѓе, како некои други луѓе и како никој друг човек”, ова е брилијантен цитат на американскиот антрополог Клајд Клакон, а укажува на тоа дека човечка личност е поединец кој во нешто е “како сите други”, во нешто “како некои други”, но кој секогаш има и некои свои неповторливи особини, па во таа смисла е “како никој друг”, но на ова ќе се навратам подолу во текстот.

Како држава повторно минуваме низ еден драматичен период, сега е тоа спор со источниот сосед кој кулминираше со нивно вето на нашиот конечен и долгоочекуван почеток на пристапни преговори со ЕУ.

Самото вето пак ја запре масовната хистеријата што ја создадоа критичарите на оваа власт обвинувајќи дека Заев, Османи, Димитров, односно владата ги распродаваат македонските национални интереси мислејќи на идентиитетот и јазикот за да им удоволат на ирационалните бугарски барања, а со тоа да се избегне нивното вето. На чело со,  во простор и време изгубената опозиција се натрупа јавниот простор со толку “фекалии” што почна да “прелева” од сите страни, а бугарското вето ги испушти во “канализацијата”, каде и ќе останат.

Немајќи повеќе аргументи одеднаш се завртеа кон друга небулозна теза обвинувајќи ја власта дека е сега таа виновна за бугарското вето занемарувајќи ги изјавите на европските лидери дека ова е историска греќка на Бугарија, а преку тоа и на самата ЕУ која сепак дозволи една нејзина членка да погази на основните европски и демократски принципи.

Опозицијата и “неутралните” критичари сепак не се тема на ова мое пишување, вниманието ми го зеде вчерашното интервју на еден познат аналитичар во кое беа искажани “каракачанови” тези во врска со посебноста на македонскиот народ и јазик и во најмала рака претставуваат навреда за Македонците.

Родители на Македонија се Титовите комунисти и Југославија, Белград ја напиша македонската историја и го кодифицираше македонскиот јазик само за да го “исчисти” од сите сличности со бугарскиот, а да го направи “сестрински” со српскиот јазик, ова е отприлика таа изјава.

Благо е да се каже дека ова е релативизирање на историската борба на македонскиот народ за самоопределување, борба за своја држава и свој јазик, ова е директна негација на истата.

Македонците како народ имале изградено национална (македонска) свест многу пред конституирањето на македонската држава како посебна федерална единка во рамките на Југославија. Македонската држава била неминовност и Тито и комунистите, а и западните сили тоа многу добро го знаеле, затоа што секое друго решение освен посебна држава на долгорочен план не би успеало, нити како дел од Србија или пак како дел од Бугарија. Зошто? Затоа што Македонците како споменав веќе имале изградено националната свест и определба и тоа како посебен македонски народ, не српски, не бугарски и тоа не може никој да го оспори. Да ја немале таа свест не би имале ни своја држава, толку е едноставно.

Тоа се потврди и на референдумот во 1991 каде огромното мнозинство се определи за независна држава. Комисијата за јазик и правопис формирана од Президиумот на АСНОМ во 1944 на чело со Конески, во мај 1945 како еден од основните принципи во литературниот јазик го поставува користењето на јазичните форми од централното говорно подрачје токму со цел да се избегнат влијанијата на бугарскиот јазик од исток, но и српскиот од север, а со тоа да се стави печат на посебноста на македонскиот јазик кој патем речено е признат од ОН и сите меѓународни институции за сега некој да го спори.

Аналитичарот исто така вели дека Македонците веќе го изгубиле идентитетот и јазикот со потпишувањето на Преспанскиот Договор, а сѐ што треба е да го прочита членот 7 став (3) од Договорот со кој тој се гарантира.

Видете, секој има право на свое мислење тоа е неспорно, но сепак мислам дека е невкусно да се даваат вакви изјави во момент кога тие (Македонците) со кои сакаме да ја градиме заеднички државата се соочуваат со сериозен проблем каде некој им го оспорува идентитетот и јазикот. И формулацијата “тие” е тука погресна затоа што “ние” се соочуваме со проблем, ние како држава сочинета од повеќе етнички идентитети, ова не е проблем на Македонците само, ова е проблем на сите нас.

Јас очекувам барем во вакви момент и посебно интелектуалците да се обединат кон државните интереси и да помагаат, а не одмагаат. Секоја дадена изјава во прилог на бугарските ирационални ставови утре ќе биде искористена, верувајте. Во случајот изјавата доаѓа од етнички Албанец што е и најмалку битно затоа што сите што живееме овде имаме право не само на мислење туку и на одлуки (доколку сме во позиција на носење на истите), а поврзани со теми кои го преокупираат општеството во даден момент.

Мораме да го отфрлиме Апасиевскиот став искажан во своето обраќање до Албанците, дека Албанец не може да преговара за прашања кои пред сѐ се битни за Македонците алудирајќи на етничката припадност на министерот за надворешни работи, па оттука и обратното, етнички Македонец да преговара или договара нешто што ги тангира етничките Албанци.

Затоа и ќе го споменам последното интервју на Бујар Османи дадено за ТВ 21, државничко интервју во секоја смисла каде рече дека тој како министер за надворешни работи ја претставува државата и сите нејзини граѓани и дека црвените линии на сограѓаните Македонци (идентитетот, јазикот) се и црвени линии за Албанците и тој како министер ќе се залага тие да не се преминат.

Секако дека сѐ уште постои голема недоверба кај Албанците во однос на Македонците, за причините сум пишувал во повеќе наврати не би да се навраќам само би додал дека изливите на “албански национализам” треба во голема мера да се разберат па и толерираат затоа што во основа тој национализам е реакционерен.

Исто така тврдам дека Албанците биле, се и ќе останат најголем партнер на Македонците, посебно пак во ситуација во која и самите биле. Други се силите кои работат против државата, но нема да ги биде, ќе успее ова држава, како што успеа во 1945’та, во 1991’ва, 2001’ва, 2017’та, така и сега.

За мене е тажно што во денешно време ние треба да говориме за идентитет наместо да говориме за слободите, за правата, за човекови и политички еднаквости. Не се далеку деведесетите каде на овие простори се актуелизираа приказните за националните идентитети, а завршија со војна на секој против секого. Идентитетот не е проблем се додека за него не мора да се запрашаме, како ќе забележи Ален де Бенуа во едно свое излагање, а сега се случува токму тоа, после официјални 80 години (и да не одиме подалеку) некој Македонците ги прашува за нивниот идентитет, нивната определба, нивниот јазик.

Сепак ништо од ова не треба да обесхрабрува и мора со трезвени глави, дипломатија и политика на пријателство да се продолжи понатаму и да се разговара и преговара за тоа како ќе се интерпретираат некои историски вистини и факти.

Ќе ја повторам мојата теза дека историчарите може и треба да се занимаваат со минатото, со историјата, но сепак политичарите се тие кои ја кројат иднината, кои ги прават промените, не историчарите. Историчарите се тие кои ќе ги пренесат фактите, а политичарите се тие кои ќе ги донесат одлуките од една страна, а од друга ни самите историчари не може да прифатат интерпретирање на некои историски факти без амин од властите, односно политичарите. Сигурно има многу тоа за кое се Бугарите во право и верувам ова го знаат и едните и другите, само треба умешност тоа да се претстави на начин кој ќе ги задоволи двете страни.

Значи договор мора да се постигне, затоа што колку и да звучи контрадикторно само договорот е гарант за зачувување на идентитетот. Права заблуда е верувањето дека идентитетот зависи само од нас самите, да се навратам повторно на Ален де Бенуа. Изолиран поединец, осамена група на луѓе одсечени од други поединци и друга група на луѓе, не може да имаат идентитет. Нашиот идентитет е обликуван исто така од контактите со другите, начинот на кои ние гледаме на другите и начинот на кој тие гледаат на нас. Не постои идентитет сам по себе, нечија чиста и едноставна самосвест не го гарантира воедно и неговиот идентитет.

Поединецот никогаш не може да го обликува својот идентитет по страна, идентитетот се обликува взаемно со идентитетите на другите луѓе.

Исто е и со колективниот или националниот идентитет (кој пак е збир од разно разни идентитети, етницки, јазицен, културен, верски итн.), доколку ние останеме отсечени од остатокот од Европа и светот, отсечени економски, политички, културно, идентитетот како таков ја губи целосно смислата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот