За иста работа жените добиваат 12 отсто помала плата
Од денеска почнува со работа Алијансата за родова еднаквост, платформа која ќе се стреми да го адресира предизвикот на родовата нееднаквост со фокус на работното место. Претседателка на Алијансата е Нина Ангеловска, позната во јавноста како поранешна министерка за финансии и ко-сопственичка на „Групер“. Taa вели дека нееднаквоста меѓу жените и мажите не е проблем на днешницатa, туку постои одамна, а патот што треба да се изоди за надминување на разликите е многу долг.
Препорачано
– Податоците покажуваат дека жените во Северна Македонија се помалку платени за 12 проценти од мажите за иста работа, а забележително е и присуството на предрасудите и стереотипите, поради што е потребна охрабрувачка култура за жените можат да го дадат својот придонес. Инаку во ЕУ процентот на пониски плати кај жените е уште поголем и изнесува 14 отсто, но секако тоа не треба да ни биде утеха – рече Ангеловска.
За предрасудите и стреотипите, на промовирањето на Алијансата зборуваше и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
– Во моментов сме посветени на подготовка на нови законски решенија што ќе значат унапредување на родовата еднаквост, во посебните области од општественото живеење. Интензивиран е процесот на подготовка на Законот за работни односи, каде ќе биде транспонирана целосно директивата на Европската Унија за хармонизација на семејниот и професионалниот живот, што ќе значи дополнително унапредување на положбата на жените на пазарот на труд и подобрување на работните услови- информираше министерката Тренчевска.


