За една недела нови 2.000 случаи на грип

Од 12 до 18 јануари, во Македонија се пријавени 2.062 случаи на грип и заболувања слични на грипот, што претставува намалување од 11,2 проценти во споредба со претходната недела, информира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Во споредба со третата недела од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 46 проценти, додека во однос на типичната епидемиска крива моделирана од последните 15 сезони е забележано намалување од 6,9 проценти. Пријавената инциденца е над неделната граница за средна активност на грипот.

Најголем дел од заболените, односно 1.274 лица, се на возраст од 15 до 64 години. Регистрирани се и 279 деца на возраст до четири години, 243 деца од 5 до 14 години, како и 266 лица постари од 65 години. Највисока инциденца е забележана кај децата до четиригодишна возраст.

Случаите се пријавени од 29 центри за јавно здравје, при што најмногу заболени има во Скопје (556), Тетово (146), Охрид (142), Битола (139) и Куманово (137). Во Дебар, Охрид, Свети Николе и Кавадарци е регистрирана многу висока активност на грипот, додека висока активност е забележана во Кратово, Штип и Виница.

Од почетокот на сезоната 2025/2026, вкупно се регистрирани 8.209 случаи на грип и заболувања слични на грип, што е 2,1 пати повеќе во споредба со истиот период лани и за 16,3 проценти повеќе во однос на просекот од последните 15 сезони. Во текот на сезоната се евидентирани и три смртни случаи асоцирани со грип.

Од ИЈЗ повторно потсетуваат дека вакцинацијата е најефикасната мерка за заштита од сезонски грип и препорачуваат имунизација на целото население, особено на лицата од ризичните групи. Заклучно со третата недела од 2026 година, во државата вакцинирани се вкупно 79.078 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот