За да ја спаси сестра си од леукемија, стружанка донирала матични клетки кои ќе патуваат дури до Австралија

Фото: Слободен печат

Скромната шеесетгодишна жена, била компатибилен донор на матични клетки, кои што во течен азот на минус 186 степени седум дена ќе патуваат до Перт Австралија и ќе бидат всадени во телото на нејзината сестра која боледува од леукемија

Рада Балоска од струшкото село Луково, тивко, без да поставува никакви прашања и без воопшто да биде свесна дека го спасува животот на сестра ѝ во Австралија, после многу години повторно дошла во Скопје, овој пат за да донира матични клетки на Клиниката за хематологија.

Скромната шеесетгодишна жена, била компатибилен донор на матични клетки, коишто во течен азот на минус 186 степени седум дена ќе патуваат до Перт во Австралија и ќе бидат всадени во телото на сестра ѝ Лилјана, која боледува од леукемија.

Кога лекарите од Клиниката за хематологија во Скопје ја прашале Рада дали знае дека го спасува животот на сестра си во Австралија, таа не одговорила ништо. Но нејзината пожртвуваност и сестринска љубов сега се основа на надеж дека сестра и на другиот крај од светот ќе се избори со леукемијата.

Фото: Слободен печат

Првпат во историјата на земјава, матични клетки се испраќаат за пациентка во Австралија. Тоа е можно, затоа што македонскиот национален регистар на доброволни дарители на коскена срцевина, сега е рамноправен член на интернационалниот и доживува валидација во светски рамки.

-Во овој компјутерски софтвер, се наоѓаат податоците за протеините на клетките од 37 милиони луѓе во светот, како потенцијални донори. Ние можеме да побараме од кој било македонски граѓанин да биде донор, а шансите за тоа се околу 30 проценти, вели за „Слободен печат“ директорката на Клиниката за хематологија, доктор Ирина Пановска Ставридис.

Единствениот начин да се лекува акутна леукемија во денешно време е трансплантација на стем клетки, но донорот и примателот мора да бидат идентични.

– Оваа трансплантација е најсофистициран метод во современата медицина и со неа комплетно се менува имунолошкиот систем. Вметнуваме клетки кои се борат против инфекции и мора да најдеме идеален донор со идеално совпаѓање за да има само минимална штета на телото што ќе ги прими, а истовремено тие клетки да се изборат со леукемијата и да му овозможат на организмот дозата на хемотерапија да ја преживее побрзо, додава доктор Пановска Ставридис.

Сѐ почнало пред околу половина година кога Лилјана, инаку Македонка што живее во Перт, Австралија, се разболела од леукемија. Лекувањето дошло до фаза кога била потребна трансплантација и почнале да се бараат донори во семејството во Македонија.

Директорот на Институтот за имунологија, професор Александар Петличковски вели дека австралиската болница го контактирала институтот, по што тој го почнал процесот на контактирање на семејството.

-Семејството веќе знаеше и сакаа да помогнат. Жената тешко се контактира, нема телефон, живее во село во струшко. Организиравме да дојдат во Скопје неколку членови на семејството и излезе дека жената е соодветен донор. Потоа исконтактиравме со клиниката за хематологија и почна процесот, објаснува доктор Петличковски за „Слободен печат“.

Матичните клетки се наоѓаат во коскената срцевина.

– Тоа се биолошки инјекции кои се даваат поткожно и на тој начин стимулираме клетките од коскената срцевина да излезат во периферната крв. Потоа крвта се обработува со посебен апарат и се собираат клетките. Но, поради далечината на Австралија не можевме да ги пратиме свежи. Ги смрзнавме клетките на минус 186 степени во течен азот. Така ќе патуваат до таму, за да не се разрушат и да не се оштетат при патувањето, додава Петличковски.

Ниеден сервис за брза пошта немал опција да обезбеди патување на клетки во течен азот. Тука повторно од голема полза било членството во светскиот регистар на потенцијални донори на коскена срцевина, зашто германскиот регистар организирал транспорт на кутијата со течен азот до Македонија за само 24 часа.

Фото: Слободен печат

-Денеска клетките се ставааат во течниот азот и прво се праќаат во Германија, па оттаму во Австралија. Исто како што патуваат вакцините на „Фајзер“, така ќе патуваат и овие клетки. Процесот на криопрезервација значи да се смрзнат клетките но сепак да останат живи. Кога ќе се одмрзнат мора да се всадат во коскената срцевина и да создадат еритроцити, тромбоцити и Т клетки кои ќе се борат со леукемијата. Ова е доказ дека клиниката е признаена, применува европски стандарди и може да го подготви донорот. Се наоѓаме на мапата на светските центри, објаснува доктор Пановска Ставридис.

Целиот лекарски подвиг е резултат на тоа што во земјава има еден национален регистар кој е валидизиран во светски рамки, контактира и е вмрежен со сите институции во светот според принцип на доверба.

-Матичните клетки кои се испраќаат мора да исполнуваат критериуми и параметри. Не станува збор за обична инфузија. Станува збор за најсофистицирана метода. Ако Т – клетките не се внимателно избрани, тие можат да убијат човек. Ние работиме со најсовремена метода и ги издвојуваме клетките на апарат на Институтот за трансфузиона медицина, вели доктор Пановска Ставридис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот