Вучиќ пристигна во Кина — за што ќе зборува со Си Џинпинг?
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утрово објави дека пристигнал во Пекинг, каде што треба да се сретне со кинескиот колега Си Џинпинг, пренесе „Данас“.
Препорачано
Вучиќ, во објава на „Инстаграм“, наведе дека слетал во Кина со чувство на „голема одговорност и длабока почит кон моментот“ во кој, како што тврди, ја претставува Србија во „најважната посета во својата политичка кариера“.
„Ќе имам можност да разговарам со претседателот Си Џинпинг, искрен и голем пријател на Србија, лидер кој со својот однос кон нашата земја покажа почит што ќе знаеме да ја цениме и паметиме“, се наведува во објавата.
Вучиќ додаде дека Србија и Кина денес градат односи кои се „меѓу најсилните во современиот свет“.
„Пред нас се важни разговори за иднината, нови инвестиции, инфраструктурни проекти и натамошно зајакнување на соработката во области од клучно значење за напредокот на нашата земја и подобар живот на граѓаните“, пишува во објавата.
Вучиќ додаде дека посетата дополнително ќе ги зајакне врските меѓу Србија и Кина и ќе „отвори ново поглавје на соработка што ќе остави длабока трага во годините пред нас“.
Српскиот претседател рече дека утре и со кинескиот премиер Ли Ќијанг.
Немаме проблем со демонстрациите
За предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за побрза интеграција на Западен Балкан и Молдавија, со придружно членство за Украина, Вучиќ од Пекинг тврди дека тој предлог не е особено добар за Србија.
„Важно е што германскиот канцелар излезе со нешто поинакво и нешто пореално. Не сум среќен со содржината за Србија. Тоа е многу подобар предлог за Украина отколку за Србија“, рече тој.
Српскиот претседател додаде дека сепак е „подобро картите да ни се отворат и чесно да разговараме, отколку да слушаме бајки“.
„Тоа е добра вест, но во однос на суштината секако може да се напредува“, додаде тој.
Коментирајќи ја оценката на американски „Блумберг“ дека е „блиску до црвената линија“ кога станува збор за односите меѓу Србија и Кина, Вучиќ рече дека тој медиум „како да немал попаметна работа“.
На коментарот на европратеникот Андреас Шидер дека го запрел железничкиот сообраќај во Србија од страв од сопствените граѓани пред вчерашниот протест на белградскиот плоштад Славија, Вучиќ рече дека „ние, за разлика од господинот Шидер, немаме проблем со демонстрациите“.
На протестот во Белград се собраа речиси 200.000 луѓе — најголема бројка од падот на Милошевиќ


