Вучиќ го претвора „Ќациленд“ во Божиќно село
Претседателот на Србија Александар Вучиќ најави отстранување на кампот „Ќациленд“ од пред зградата на Собранието, истакнувајќи дека просторот ќе биде ослободен а мал дел од кампот ќе остане во Пионерскиот парк. Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека кампот ќе го претвори во Божиќно село.
Препорачано
-Ги замолив луѓето, не е тоа прашање на локација, туку прашање на државата. Тие луѓе ја зачуваа државата и заслужуваат голема благодарност и тоа ќе влезе во историјата како тактички потег кој придонесе за скротување на шарената револуција. Јас како знак на внимание, добра волја и благодарност, разговарав со нив. И ме известија дека ќе почнат со отстранување, за два, три четири денови да биде Божиќно село. Сите граѓани да можат да уживаат, ќе биде отстранета и оградата. Таму ќе биде отворено за движење, ќе остане само мал дел околу Пионерскиот парк, рече Вучиќ.
Тој најави дека лично ќе го посети „Ќациленд“ да им се заблагодари на луѓето за како што рече „нивната лојалност и храброст да ги издржат сите притисоци и да ја одбранат државата“. Додаде дека нивниот чин ќе влезе во учебниците по историја – „како со своето јунаштво и без приговор ја сочувале татковината“. Тој спомена дека утре ќе се состане со Милан Богдановиќ кој е ранен во кампот, и порача дека граѓаните во меѓувреме ќе може да уживаат во Божиќното село а дека „државата е одбранета“.
Повеќе од половина година просторот пред Парламентот во Белград е окупиран од шатори. Кампот е познат кај јавноста под името „Ќациленд“. Тој прво беше во Пионерскиот парк и претставен е како израз на контрастудентите кои „само сакаат да учат“. Но, од самиот старт оние кои се собираа во него не беа само студенти.
Со текот на времето кампот се прошири и на платото пред Собранието како контра-протест на српските просветни работници и студенти кои една година протестираат поради трагичната смрт на 16 луѓе при падот на натстрешницата во Нови Сад.


