Делата се изложени во КИЦ – Офицерски дом во Битола

Второто меѓународно биенале на минијатурна уметност е отворено во Офицерскиот дом во Битола

Во КИЦ – Офицерски дом во Битола на 12 август беше отворено Второто меѓународно биенале на минијатурна уметност – графики и цртежи, сликарство. Биеналето е организирано и реализирано од нејзиниот раководител Владо Ѓорески, кустос и графичар, кој воедно е и раководител на Меѓународното графичко триенале во Битола.

На Второто меѓународно биенале на минијатурна уметност се застапени околу 600 автори, со околу 800 дела од повеќе од осумдесет држави. Според уметничкиот израз на пристигнатите дела, станува збор за една од позначајните ликовни манифестации во меѓународни размери. Второто биенале на минијатурна уметност веќе е позиционирано во релевантните ликовни случувања и е одредница за современите уметнички текови во светот.

По Битола, биеналето ќе биде презентирано во Грција, Србија, Романија, а во преговори е и изложба во Полска, затоа што свое учество имаат над сто полски автори.

Биеналето го отвори галеристот д-р Драган Ристевски. „…Очигледен е растечкиот интерес од страна на уметниците ширум светот, што потврдува дека Биеналето и Битола стекнуваат афирмација и респект, како и желба кај авторите да бидат дел од оваа меѓународна уметничка средба. Концептот на Биеналето – мал формат, е намерно избран, бидејќи им овозможува на уметниците да се изразат чисто, неоптоварено, импулсивно и слободно…“

На свеченото отворање, постхумно беше доделена Специјална награда на битолскиот ликовен уметник Ранко Струмениковски за неговиот придонес во развојот на современата ликовна уметност и графика во Македонија. Наградата ја прими Тања Струмениковска Ристевска, ќерка на уметникот. Специјална награда му беше доделена и на Гоце Божурски за истакнати креативни изразувања, особено во минијатурната уметност, реализирана и преку неговиот циклус создаден од 1000 графички дела „Илјада и една љубовна приказна“.

Предговорот на каталогот за Биеналето, кој е на 950 страници, го напиша Владо Ѓорески.

– Меѓународното биенале на минијатурна уметност Битола нема за цел да биде еден вид на меѓународна ликовна манифестација. Нема за цел да биде културен или културолошки национален престиж и претенциозно претставување пред светот. Нема за цел да промовира одредени нови естетски или стилски движења, најчесто форсирани или измислувани од „куратори“ финансирани од „светските“ банкарски конзорциуми или медиумските магнати, кои се фабрики за измислување на новиот лажен свет и форсирање на празни, бесмислени вредности со исклучиво комерцијални амбиции и претрупувања. Нема за цел да наметнува познати и постојано секаде присутни група на автори, во време кога поштенското испраќање на едно или повеќе графички дела изнесува во најголем број на држави повеќе од една плата на графичарот или уметникот. Нема за цел да претставува статистички бласфемии – колку држави, колку автори, кога никој не знае каде се наоѓа нивната географија, ниту, пак, во ова рамнодушно време на некој воопшто нешто тоа му претставува. Нема за цел да селектира дела, ангажирајќи конзилиум од восочни и роботизирани елитистички планетарни авторитети и празни „хуманоиди“.

Можеби, тоа е тивко, скриено, непознато, острово, кое на некој чуден начин успеало да се оддели од огромниот напредок на глобализмот, трансхуманизмот и како некое фатаморганско проклетство плови низ морето на заборавените вистински слики, наспроти величенствениот огномет на Фаренхајтовскиот 451, во кој повеќе не се спалуваат книгите, туку систематски и дефинитивно Човечкиот дух. Скриено, незабележливо, дел од некаков сон, од агонијата на Sвездата, осудена да ја скрие засекогаш во себе вистинската светлина, претсмртно поништена.

Меѓународното биенале на минијатурна уметност Битола е цивилизациска атрофија, во која се чуваат сличиња, дневници, минијатури на нашето бледо постоење, прогонето од Потопот на цивилизацискиот огромен прогрес, во кој Императорот на вештачката интелегенција ги создава империите на лажните слики низ кои не постоиме ние, туку демонската темнина на глобалниот пекол составен од нашиот комформистички материјализам низ кој така длабоко и засекогаш потонуваме во едно безначајно, непотребно и неважно НИШТО – напиша Ѓорески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот