Членови на извршниот одбор на Здружението на пензионери Куманово за време на посетата на премиерот Димитар Ковачевски на здружението минатиот месец / Фото: Фејсбук

„Врие“ меѓу кумановските пензионери: „Раководителите сами си ги покачуваат примањата“, обвинуваат членови

Дел од кумановското здружение на пензионери денеска обвини дека претставници на актуелното раководство си ги зголемиле надоместоците без, како што кажаа на прес- конференцијата, да го почитуваат Статутот. Раководството, пак, ги негира ваквите обвинувања, оценувајќи дека се работи за притисок во пресрет на изборите што треба да се одржат во март.

Собранието на Здружението на пензионери Куманово и делегати обвинија дека раководството донело одлука за зголемување на надоместоци за претседателот, потпретседателот и секретарот. Како што посочија на прес-конференцијата, раководството се повикало на непостоечка одлука, укината во 2016 година. Според нив, лицата две години добивале по 1.000 денари за присуство во Собрание, иако, како што велат, тоа не им следува.

– Зголемувањето на надоместоците за претседателот било од 12.000 на 14.000, на потпретседателот од 11.000 на 12.000 и на секретарот од 10.000 на 12.000 денари. Покрај оваа повреда на Статутот, направена е и уште една отстапка од споменатото раководство, на ним им се исплаќаат и средства за присуство на седници, иако тоа е незаконски, изјави Назим Емини, претседател на Собранието на Здружението на пензионери Куманово.

Јасмина Тодоровска, делегат и член на редакцискиот одбор, вели дека треба институциите да извршат увид и да се казни дел од раководството.

– Срамота е наместо пензионерскиот денар да оди кај пензионери, да оди кај оние, кои веќе имаат висока пензија. Никој не спори дека треба да се покачи надоместокот, но, треба да се запази законската регулатива, изјави Тодоровска.

Како што појаснија на денешната прес-конференција, делегатите на Собранието одлучиле да ги известат надлежните државни органи, Управата за јавни приходи и Јавното обвинителство. На седницата имало иницијатива и за смена на раководството.

Претседателот на здружението Благе Јакимовски вели дека нема злоупотреба и дека актуелното раководство смета оти се работи за притисок во пресрет на изборите.

– Тврдам најодговорно дека нема никаква злоупотреба со тоа што е донесена таа одлука за наше покачување. Таа е донесена врз основа на една одлука, која ние не сме ја знаеле. Мислам дека постојат надлежни институции за тоа, доколку има вина, нека ја утврдат и сметам оти ова е притисок од група на луѓе кои се членови на Собранието и кои, помогнати веројатно од одредени партиски структури, бараат замена на раководството, изјави Јакимовски.

Тој посочи дека периодов имале состаноци со ограноците на кои биле дале насоки, како да ги завршат изборите.

– Бараме тие да бидат демократски, сите пензионери да се изјаснат, затоа што секој член на огранок може да бира, предлага, нека се изберат квалитетни, сами да одлучат кој ќе ги води во наредниот период, без никакви притисоци и закани што немаат никаков основ, вели Јакимовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот