Васил Јованов, кој ја прегази Фросина на „Партизанска“, ќе ја лежи казната од 13 години затвор – Врховниот суд му ја одби жалбата
Врховниот суд го одби барањето за вонредно преиспитување на пресудата од 13 години затвор на Васил Јованов, кој лани на пешачки премин на „Партизанска“ во Скопје ја усмрти Фросина Кулакова.
Препорачано
„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека, постапувајќи по кривичниот предмет КВП2-22/26, по одржана седница на советот на 11.03.2026 година, донесе пресуда со која се одбива како неосновано барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено од осудениот В.Ј. од С., преку неговиот бранител, против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К-780/25 од 13.05.2025 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-696/25 од 27.10.2025 година, со која е огласен виновен за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 в.в. член 297 став 1 од Кривичниот законик и осуден на казна затвор во траење од 13 –тринаесет години“, соопштуваат од судот.
Претходно, на крајот на минатата година, Апелациониот суд Скопје ја зголеми казната затвор за Васил Јованов на 13 години. Јованов беше првостепено осуден на 12 години затвор за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
Тој во јануари 2025 година, возејќи под дејство на алкохол, со брзина од 91 километар на час и без возачка дозвола, помина на црвено светло и удри во 22-годишната девојка, убивајќи ја на самото место.
Случајот поттикна низа протести, а во јавноста се отворија дискусии за тоа колку пешаци завршија под тркалата на брзите автомобили и на колкави казни беа осудени возачите. Според податоците од МВР, обработени од Државниот завод за ревизија, во Македонија годишно во сообраќајки во просек умираат меѓу 110-120 луѓе. Ваквите биланси, меѓу другото, беа основа за започнување на системот „Безбеден град“.


