
Вреди подготвува закон за поранешните припадници на ОНА, очекува поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ
Вреди подготвува закон за статусот на поранешните припадници на ОНА, открива пратеникот Ријад Шаќири. Тој не прецизира кога предлог-законот ќе влезе во собраниска процедура, но разговор за “Слободен печат“ вели дека за тоа прво треба да дадат виза лидерите на Вреди, кои за законското решение ќе побараат поддршка и од владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. За еднакви права на експрипадниците на ОНА со тие на бранителите, според Шаќири неформално владините партнери не биле против, со задршка дека за закон со кој ќе бидат опфатени и бранителите и поранешните припадници на ОНА треба да се создаде клима во општеството.
Препорачано
– Го подготвувам законот со кој поранешните припадници на ОНА и нивните семејства треба да имаат исти права како бранителите. Веќе има драфт-верзија на законот на која работи пратеничката група на Вреди. Во неформални разговори со колегите од ВМРО-ДПМНЕ и од ЗНАМ велат дека ова прашање треба да се реши, но дека за тоа во општеството треба да се создаде клима. Добро би било да се направи сеопфатен закон којшто ќе ги опфати оштетените бранители и припадници на ОНА – вели Шаќири.

Тој додава дека во конфликтот оштетени семејства има и од двете страни и дека преку правата со кои би се стекнале и семејствата на поранешните припадници на ОНА ќе се реши и статусот на ексборците. Тој не прецизира дали подготвуваат закон за припадниците на ОНА, за обештетување на нивните семејства или за статусот на поранешните припадници на ОНА. Важно е вели Шаќири и двете страни од конфликтот да имаат еднакви права, бидејќи поранешните припадници на ОНА плаќаат даноци, придонесуваат за државата и, според тоа, и нивните деца треба да ги уживаат правата како децата и семејствата на бранителите.
– Со законот за оштетените лица од конфликтот, во иднина ќе се избегнат блокади во Собранието, како актуелната за законот за бранителите, еднаш засекогаш ќе се затвори тоа прашање и како држава ќе одиме напред. Во каква форма ќе биде законот прво ќе се усогласт лидерите од Вреди и потоа тие ќе треба за предлогот да разговараат на повисоко ниво со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и со лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски – вели Шаќири.
Тој додава дека поддршка за законот имаат од Европскиот фронт, на кои ќе им биде доставен предлогот за и опозицијата да даде придонес.
Шаќири за законот за поранешните припадници на ОНА во гостување на телевизијата Алсат е поконкретен, односно најавува дека во Собранието ќе го достават за два-три месеци, дека разговарале со претставници на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ и дека верува дека „може да се каже дека оваа тема треба заедно да ја разгледаме.Тие во принцип во рамките на нивните надлежности се подготвени и се согласуваат еднаш засекогаш да има закон, ќе го внесеме во процедура и Македонија ќе тргне кон стабилност“.