Вратоврските се враќаат во Иран
Младиот Мухамед Џавад и неговата мајка решиле да прошетаат низ бутиците во богатиот кварт на Техеран во потрага по вратоврска, која одамна е забранета во Иран како симбол на западната декаденција.
Препорачано
„Во нашето општество, носењето вратоврска е како носење маска пред ковид“, раскажува Џавад. „Луѓето ве гледаат чудно затоа што негативниот став опстојува“.
„Мислам дека мажот изгледа добро со вратоврска. За жал, ние Иранците си наметнавме чудни и непотребни ограничувања. Потребно е време за тоа да се промени, но се надевам дека ќе се случи“.
Кодексот на облекување ги разбранува страстите во Иран, особено кога станува збор за ограничувањата за жените кои долго време биле принудени да носат скромна облека и шамии.
Повеќето ирански мажи сè уште одбиваат да носат вратоврски. Иранските власти го забраниле овој моден додаток по Исламската револуција во 1979 година, сметајќи го за симбол на западната култура. Иако вратоврската полека се враќа, владините претставници и повеќето ирански мажи сè уште не сакаат да ја носат.
Продавницата Загрос, на авенијата Нелсон Мандела во Техеран, прикажува вратоврски во различни бои направени од волна, памук или свила.
„Ние продаваме околу стотина од нив месечно“, вели менаџерот на продавницата Мухамед Арџманд. „Поголемиот дел го увезуваме од Турција, но дел се произведени во Иран.
„Клиентите ги купуваат за настани или за работа. Во оваа населба ќе видите секој петти маж како ги носи. Деновиве повеќе луѓе носат вратоврски во споредба со претходните децении“.
Неодамнешните немири „не влијаеа на продажбата“, рече менаџер на друга филијала, мислејќи на протестите предизвикани од убиството на Маша Амини, која беше уапсена од властите поради, како што рекоа, несоодветна облека.
Иранските шиитски свештеници кои дошле на власт во 1979 година го забраниле носењето вратоврски бидејќи, според нивното мислење, тоа е неисламско и декадентно. По исчезнувањето со децении, вратоврските повторно се појавиле во излозите на некои продавници за време на ерата на претседателот Мухамед Хатами од 1997 до 2005 година. Министрите, високите државни службеници и шефовите на државните компании и денес не носат вратоврски со нивните одела.
Адвокатот Масуд Молапанах вели дека „носењето вратоврска под никакви околности не е кривично дело“ според уставот или исламскиот шеријатски закон. „Но, постојат ограничувања за облекување на одредени места како телевизијата“.
Вратоврските се речиси задолжителни за Иранците кои работат во амбасадите и некои странски компании, иако повеќето ја соблекуваат кога излегуваат.
Садик (39), кој работи во јапонската амбасада, рече дека става вратоврска само кога ќе пристигне на работа „затоа што носењето вратоврска во јавност не е вообичаено во Иран“.
„Ако се облекувате така и шетате по улица, сигурно ќе привлечете внимание. Луѓето ќе мислат дека сте или странец или некој што оди на многу формален состанок со странци“.


