Вработувањата без „балансер“ ќе почнат од декември

Министерот за јавна администрација Горан Минчев потврди дека на конкурсите за вработување во јавната администрација, единствен критериум ќе биде стручноста и знаењето, откако Уставен суд го укина „балансерот“ односно алатката за вработување во јавната администрација по етнички клуч, сè додека Владата не подготви закон за правична застапеност.

Навалица за вработување нови административци се очекува веќе на почетокот од декември за кога Агенцијата за администрација најавува дека ќе заврши надградбата на софтверот за конкурсите за работа, со цел да бидат објавени без графата за етничка припадност. И министерот за јавна администрација Горан Минчев потврди дека на конкурсите за вработување во јавната администрација единствен критериум ќе биде стручноста и знаењето, откако Уставен суд го укина „балансерот“ односно алатката за вработување во јавната администрација по етнички клуч, сè додека Владата не подготви закон за правична застапеност.
„Слободен печат“ веќе објави дека вработувањата во јавната администрација можно е до Нова година да бидат под мраз додека не се приспособи софтверот, односно од документите да се избрише графата за етничка припадност.

„Балансерот“ до Нова година ќе ги замрзне сите вработувања во администрацијата

– Објавена е постапка за јавна набавка со директни преговори по добиено позитивно мислење од Бирото за јавни набавки. Софтверот ќе го надградува истиот економски оператор зашто тој ги има авторските права. Работите се во тек и можно е и пред 1 декември да заврши надградбата на софтверот и да почнат огласите за вработување во јавната администрација. По одлуката на Уставниот суд за укинување на балансерот, софтверот се приспособува во делот на огласите за вработување на административците, односно ќе се тргне графата за етничка припадност на заедниците. Фирмата бараше повеќе време за надградба на софтверот, но бидејќи станува збор за јавен интерес, ќе го забрзаат процесот – велат од Агенцијата за администрација.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев потврди дека корекцијата на софтверот е во тек и повтори дека конкурсите што почнале пред укинувањето на балансерот ќе се довршат, како и огласите што се без балансер за институциите што немаат обврска за вработување по етнички клуч.

Горан Минчев Фото Принтскрин

– Во периодот додека нема законско решение за правичната застапеност, огласите продолжуваат врз база на знаење. И повторувам, со ова законско решение не треба да се брза. Мора да биде квалитетно, применливо и да има вистинска имплементација. Но, најважно од сè е со новиот закон да нема злоупотреби, затоа што чуму е правичната застапеност ако тие што се примаат, немаат соодветен квалитет и не можат да одговорат на услугите кон граѓаните. Последниот податок за правична застапеност, а тоа е пресекот од извештајот на Министерството од 2023 година, кажува дека етнички Албанци во јавната администрација има меѓу 22 до 23 проценти, а на сите други заедници е во односот од 5 до 7 проценти. Што значи, балансот на правична застапеност во институциите е веќе присутен. До новото законско решение огласите течат врз база на знаење – рече Минчев.

Тој информира дека работната група составена од експерти веќе го подготвува законот за правична застапеност. Експертската група нотира, сугерира, забележува и можеби дава предлози за новото законско решение. Нацрт-предлогот ќе биде доставен до Венецијанската комисија и потоа како законско решение би бил финализиран. Минчев потенцира дека важно е законот да не биде закон што евентуално би претрпел укинување членови или одредби од Уставниот суд.

Минчев: Некомпетентните ќе се дообучуваат, нема да се бркаат

Нема да се бркаат некомпетентните административци, туку ќе се дообучуваат и ќе се прераспределуваат на работни места на кои ќе може да ги исполнат работните задачи.

– Јас сум повеќе за варијантата некомпетентните јавни службеници да бидат доедуцирани. Но секако дека постојат и други решенија дел од јавната администрација да се намалува по природен пат, преку пензионирање и заминување од јавната администрација. Во принцип, во трите законски решенија што ги нудиме, нудиме решение кое е ново во Македонија, а тоа е формирање Академија за доедукација и обука на јавната администрација. Таму каде што има недостиг на квалитет, ќе се доедуцираат и на распределување на работни места на кои можат да ги исполнат своите работни задачи врз основа на својот афинитет, образование и квалитет – вели Минчев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот