Вработени од Клиничка биохемија останаа на улица

Билјана Костовска до неодамна вработена како шалтерски работник на Институт за клиничка биохемија, за „Слободен печат“ вели дека на 30 август останала без работа. Според неа, едноставно, договорот не ѝ бил продолжен а на нејзино место веднаш дошол нов кадар. Се сомнева на партиска заднина на целиот настан и вели дека не е единствена туку дека истата судбина ги снашла и еден биохемичар, хигиеничари, лаборанти и уште една службеничка на шалтер.

– До 31 август работевме под договор на дело на Институтот за клиничка биохемија. Имавме договор до 31 декември. Се надевавме дека после тоа ќе останеме трајно на работа, чекавме решенија. Но, на 30 август управата не тргна од распоредот без продолжување на договорот. Шалтерски работници, лаборанти, хигиеничари, немаме продолжување на договорот. Го истакнаа новиот распоред и така сфатив дека повеќе не работам. Ни директорката ни главната сестра не објаснија што се случува, но самата проценив дека немам веќе работно место, изјави за „Слободен печат“ Костовска.

Таа додаде дека е вработена во 2021 година, дека дневно опслужувала меѓу 200 и 300 пациенти со различни упати за повеќе испитувања и дека работата ѝ е многу добро позната. Не може да сфати зошто на нејзино место да се донесе нов кадар и се да учи од почеток, а таа да остане на улица.

-Вработена сум уште од 31 мај 2021 година. Има премногу работа со пациенти на шалтер, над 200 до 300 пациенти дневно опслужувавме јас и уште двајца на шалтер. Внесувавме упати, се што требаше и на приватно и на државно, требаше да имаме познавање дали упатот е вообичаен или итен, едноставно трбеаше да се има познавање од тоа како функционира одделот за биохемија. Секој ден до 11 часот и 30 минути, веќе имавме опслужено меѓу 200 до 300 пациенти. Платата беше 25 илјади денари. После ова, директорката истакна месечен распоред на кој веќе не постојам, а две непознати лица се на моето место и на местото на отстранетата колешка, додаде Костовска.

Директорката на Институтот за клиничка биохемија доктор Николина Гроздановска, за „Слободен печат“ вели дека на овие лица договорите им истекле, а претходно повеќе пати им биле продолжувани.

Потенцираме дека на сите им е истечен договорот. Договорите се потпишани и архивирани по закон, односно нема ниту еден прекинат договор и на сите им беше истечен на 31 август годинава. Целосно се неточни тврдењата за било каква поделба по било кој основ и во таа насока појаснуваме дека токму еден дел и од овие лица и натаму се ангажирани на Клиниката согласно потребите. Квалитетот и стручноста на кадарот е наш императив, a целта е унапредување на дејноста на институтот и во ниту еден случај нема да дозволиме било каква поделба по било кој основ. Потенцираме дека во рамки на законските прописи е ангажирањето на потребниот кадар и врз основа на стручност, компетентност и покажан работен ангажман, вели доктор Гроздановска.

Во одговорот се вели и дека Институтот за клиничка биохемија не може да е одговорен за долгогодишниот проблем со нерешениот статус на вработените со договор на дело како затекната состојба од претходно и долгогодишната негрижа за кадарот.

Во интерес на објективното информирање во целост ги отфрламе наводите за “раскинување на договори на вработени” како комплетно невистинити, велат од Клиниката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот