Возило на брза помош / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Возач на Итната помош во Кратово бил во странство, а колегите во фалсификат-мисија да „му извадат плата“

Возач на Итната медицинска помош во Кратово бил во странство, а во меѓувреме група „колегијални“ колешки и надредени од Здравствен дом Кратово, иако знаеле и гледале дека го нема на работа и дека не го вози возилото на Итната помош, дека нема никаков документ да го оправда своето остсутво – сепак „му средувале работа да му извадат плата со додатоци“.  Така, една колешка на возачот, во Книгата за рапорт го фалсификувала неговото непостоечко присуство, впишувајќи го рачно неговото име дека тој „оди на работа“ и тоа по 12 часа дневно, а и ноќе, дознава „Слободен печат“.

Така отсутниот возач за неработењето примал додатоци за работа во недела, за работа во ноќна смена и за приправност покрај основната плата. За случајот веќе има првостепена пресуда од Основниот суд Кратово, затоа што фалсификаторката и две одговорни лица во Здравствениот дом во Кратово признале вина за паричната штета што ѝ ја предизвикале на здравствената установа.

Според потврдени информации на „Слободен печат“, во фалсификат-шемата учествувала дипломирана акушерка вработена во Здравствениот дом во Кратово како медицинска сестра, лекар физијатар вработен во Здравствениот дом во Кратово како раководител на Итната медицинска помош и еден дипломиран правник кој бил вработен како секретар во истата установа.

Возачот на Итната медицинска помош иако не одел на работа и бил во странство, а отсуството не му било оправдано ниту со одмор, ниту со неплатено отсуство, односно не му било правно регулирано, сепак успевал да фигурира во документацијата како присутен и ноќе и во недела, периоди кога се земаат додатоци. Ова му успевало поради „колегијалноста“ на грбот на државниот буџет и на пациентите што ја спроведувала колешката заедно со двајцата надредени. Сите тројца ја признале вината, кажале дека се каат и пред судот ветиле дека нема да вршат вакви и слични кривични дела во иднина.

Според обвинителниот предлог, од 15 јуни до 30 јуни 2024 година, првообвинетата вработена како дипломирана акушерка во ИМП и домашно лекување во ЈЗУ Здравствен дом Кратово, искористувајќи ист траен однос во шест наврати направила лажна исправа. Таа е осудена за фалсификување исправа затоа што во Книгата за рапорт на Итната медицинска помош Кратово евидентирала дека возачот доаѓал на работа прва смена од 8 до 20 часот, ноќна смена од 20 до 8 часот, со свое рачно впишување на неговото име во денови кога тој бил во странство.

Второобвинетиот раководител на Итната медицинска помош и третообвинетиот – секретар во Здравствен дом Кратово задолжен да ги одобрува решенијата за користење годишни одмори, платени и неплатени отсуства за возачите, иако знаеле дека возачот без никаков правен основ отсуствувал од работата, покрај тоа што не презеле мерки за утврдување на неговата дисциплинска одговорност, овозможиле за деновите кога неоправдано не доаѓал на работа, да му бидат исплаќани додатоци на плата за работа во недела, за приправност и за работа ноќе.

На тројцата обвинети изречена им е условна осуда, односно Основниот суд во Кратово им одреди казна затвор во траење од по шест месеци која нема да се изврши ако тие не сторат ново кривично дело наредните две години.

Здравствениот дом во Кратово пак, упатен е да си ги врати злоупотребените пари во граѓанска парница.

При одмерувањето на казната, судот ги имаше предвид отежнителните и олеснителните околности. Како отежнителни околности се сметаат зачестеноста на ваков вид кривични дела, а како олеснителна околност се смета фактот што обвинетите ја признаа вината, се каат за преземените дејствија, досега се неосудувани, сите се фамилијарни луѓе и ветуваат пред судот дека нема да вршат вакви и слични дела. Олеснителни околности се и коректното однесување на обвинетите во кривичната постапка, па судот смета дека со вака изречената алтернативна мерка ќе се постигнат целите на казнувањето и истата позитивно ќе делува обвинетите во иднина да не прават вакви и слични кривични дела и ќе се постигнат целите на специјалната и на генералната превенција, смета Основниот суд во Кратово.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот