Фото: МЕД

Волците треба да се заштитат од лов зашто спречуваат да се шират чакалите, порачува Македонското еколошко друштво

Волкот треба да се заштити со ловостој, имајќи предвид дека неговата популација е во опаѓање, а тој е еден од главните предатори кои нè штитат од експанзија на инвазивни видови животни како што е чакалот, порачуваат од Македонското еколошко друштво (МЕД).

МЕД се повикува на нова студија, објавена неодамна во списанието „Екологија и еволуција на природата“, која покажува дека чакалите би можеле да населат до 75 отсто од европскиот континент, површина речиси шест пати поголема од таа што моментално ја заземаат, од причина што волкот, како главен природен фактор што ја ограничува експанзијата на чакалот низ Европа, се истребува.

Според МЕД, за подобро да се разбере човековото влијание во односот меѓу различните животински видови, но и да се објаснат причините за експанзијата на чакалот низ Европа, од 2001 до 2017 година се собирани теренски податоци за завивањето на чакалите на безмалку 9.000 локации низ Централна и Југоисточна Европа, вклучително и во Македонија.

„Истражувањето ја потврди тезата дека историскиот пад на волците во Европа била главната причина за сè поголемата распространеност на чакалите низ Европа. Кога чакалите ќе почнеме да ги среќаваме и на места каде што вообичаено не живееле, вклучително и во повисоките предели, тоа значи дека популацијата на волкот, но и на разни видови плен, како срната, е загрозена“, објаснува Диме Меловски, раководител на Програмата за диви видови во МЕД.

Од Друштвото посочуваат дека во деведесеттите години на минатиот век, чакалот кај нас бил истребен, поради што порано го имал статусот на строго заштитен вид. Ова повеќе не е случај. Иако честите случаи на прегазени чакали и бројните пријави од луѓе упатуваат дека бројката на чакали расте и кај нас, сепак, велат од МЕД, не постојат точни податоци за овој вид кој денес ја населува целата територија на Македонија.

„Чакалот, како и секое друго животно, си има своја функција во екосистемот. Но, популациите на крупни месојади мора да се менаџираат. Ова, од една страна, ќе помогне да се врати и одржува балансот во екосистемот, а од друга страна ќе спречи да дојде до истребување на даден вид. Токму затоа, државата, во соработка со ловните друштва и со експертски организации како нашата, треба да преземе мерки за управување со оваа популација, почнувајќи прво од утврдување на бројката на чакали“, подвлекува Александар Стојанов од МЕД.

Истражувањето посочува дека закрепнувањето на топ предаторите може да биде решение базирано на природата за да се регулират растечките популации на т.н. мезопредатори.

„Во нашиот контекст, ова е уште една причина да се заштити волкот со ловостој, имајќи предвид дека неговата популација е во опаѓање. За да се постигнат и задржат ваквите еколошки ефекти, потребно е топ предаторите да достигнат еколошки ефективна густина и соодветна популациска стабилност. Ова претставува голем предизвик во предели доминирани од човекот, поради што е неопходно да се преземат ефикасни мерки за спречување и намалување на конфликтите меѓу човекот и животните“, соопштуваат од МЕД.

Инаку, студијата обедини истражувачи од 13 европски земји, меѓу кои и Меловски и Стојанов од Македонското еколошко друштво.

ВИДЕО | Некој чувал волк како миленик во Скопје, избеган се движеше низ Козле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот