Ракети Томахавк EPA PHOTO POOL/RICHARD MOORE

Војната во Иран ги исцрпи американските залихи на ракетите „томахавк“

САД потрошиле долгогодишна клучна воена залиха откако започна војната со Иран, тврдат три извори запознаени со американските воени операции, објави „Фајненшл тајмс“. Ова според медиумот предизвикува растечка загриженост околу трошоците за војната и способноста на американската војска да ги надополни своите залихи.

Меѓу оружјето што брзо се исцрпува се напредните ракети „томахавк“ со долг дострел, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со употребата на американска муниција.

Ова е, како што вели еден извор, „масовна потрошувачка на томахавки“.

„Американската морнарица ќе ги чувствува последиците од оваа потрошувачка во годините што доаѓаат“, рече извор запознаен со начинот на кој американската војска ја користи муницијата.

Зголемените трошоци за војна го зголемуваат притисокот врз Трамп

Цената на војната го зголемува политичкиот притисок врз американскиот претседател Доналд Трамп. Конфликтот веќе го доведе еден од најважните поморски трговски коридори во светот во застој и ги турна цените на нафтата над 100 долари за барел.

Во изборна година за Конгресот, војната станува сè понепопуларна меѓу американските гласачи, кои се соочуваат со зголемување на цените на горивата и сè повеќе се прашуваат дали претседателот ја вовлекол земјата во уште една долготрајна војна на Блискиот Исток, се наведува во текстот.

Се очекува Пентагон во наредните денови да поднесе официјално барање за дополнителни 50 милијарди долари воени трошоци до Белата куќа и Конгресот, барање кое би можело да отвори жестока политичка битка во Конгресот и дополнително да ја демонстрира растечката вознемиреност кај американските пратеници околу одлуките на администрацијата на Трамп.

Цената на војната веќе надминува 11 милијарди долари

Функционерите на Пентагон претходно објавија дека војната во првите шест дена од воздушните напади чинела повеќе од 11 милијарди долари. Најголемиот дел од таа сума се троши на муниција.

-Ракетите што ги испукуваме – „патриот“, ТХААД… секоја од тие ракети чини милиони долари“, изјави демократскиот сенатор Марк Кели, поранешен пилот на американските воздухопловни сили, за МС Нау.

„Додека ние трошиме милиони ракети, Иранците лансираат евтини дронови“, рече Кели, осврнувајќи се на дроновите „шахед“ кои, според проценките на американските разузнавачки служби, Иран може да ги произведе за околу 30.000 долари по парче.

Страв од исцрпување на американските залихи

Американските претставници со години предупредуваат дека потрошувачката на клучна муниција може да го надмине производствениот капацитет на американската индустрија, особено ако САД истовремено се вклучени во конфликти со големи сили како што се Русија или Кина.

Во такво сценарио, американските залихи би можеле опасно да се исцрпат, а војската би била помалку подготвена за идните војни.

Сепак, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет вели дека нема причина за загриженост.

„Немаме недостаток на муниција. Нашите залихи од одбранбено и офанзивно оружје ни овозможуваат да ја водиме оваа кампања онолку долго колку што е потребно“, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот