Вода до гуша

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Македонија е благословена со природа, клима и богатства на кои ни завидуваат стотици земји и милијарди луѓе. Нека туѓите, а не некои наши, трагични искуства ни ги отворат очите да погледнеме подалеку од еден четиригодишен мандат

Патници во вода до гуша се прпелкаат за здив во вагон во подземно метро. Цели села под кал. Топлотен бран како тивок убиец во „студената“ Канада. Црн чад од „белите дробови“ на планетата…

Вакви апокалиптични сцени се потресен доказ дека природата, моќна и немилосрдна, си поигрува со судбините на луѓето, кои упорно и безмилосно ја приспособуваат кон своите минливи потреби и навики. Ужасните сцени од Германија и од Кина предизвикаа шок и меѓу експертите и активистите, чија најголема мака е како да ги убедат владите, па и јавноста воопшто, дека климатските промени предизвикани од човекот се најголема закана за опстанокот на човештвото. Тие обично говорат за иднината, за кревањето на морето по стотици години, илустрирајќи го почетокот на катаклизмата со топење на мразот меѓу белите мечки на белиот север. Говорат за зголемување на температурата од 1,5 до 2 Целзиусови степени, дозволувајќи просекот да го голтне сумирањето на суровите екстреми – сѐ пожешки лета и постудени зими, попоројни дождови и подолги суши.

Кина од памтивек трпела летни поплави и излевања на великата Хоанг Хе. Но, што се ако не екстремни наврнатите 2 метри дожд на квадратен метар во Џенгџу – за само еден единствен час. Што се, ако не екстремни, четириесет и кусурте Целзиусови под сенка во Канада? Ги нема запишано ни во компјутерските климатски модели на „претскажувачите на Апокалипсата“. И додека истура во Кина, Сибир моли за дожд, зашто нема како поинаку да ги изгасне огромните шумски пожари. Гори и Амазонија. Оваа година, веројатно првпат во историјата, прашумата испушта повеќе јаглеродни гасови отколку што може да впие во себе. А, ја знаеме како „белите дробови на планетата“.

На вечното прашање – Што можеме да направиме? – следува и вечниот одговор: – Ништо, и многу!

Климатските промени не можеме да ги запреме преку ноќ. Катастрофите денес се неизбежни зашто сме ги предизвикале пред половина век. Што и да направат сега луѓето, компаниите и владите заедно, дури и по некое чудо да ги исполнат обврските од Кјото и Париз, ползата ќе дојде по половина век, кога можеби веќе ќе ги нема.

Во меѓувреме ни преостанува да се браниме како знаеме и умееме од монструмот што сме го создале. Трагичните епизоди од Германија, Кина, Канада и САД покажаа дека ни најмоќните, најорганизираните и најбогатите општества прават пропусти што се плаќаат со човечки животи. Германија ќе учи од Холандија, која реагираше навремено и од поројните дождови се извлече без жртви и голема штета. Кина ги почувствува последиците од пребрзата урбанизација. Тоа се лекции и за сите други.

Македонија е благословена со природа, клима и богатства на кои ни завидуваат стотици земји и милијарди луѓе. Нека туѓите, а не некои наши, трагични искуства ни ги отворат очите да погледнеме подалеку од еден четиригодишен мандат. Сите партии, компании, секој од нас, декларативно се против бетонирање на градовите, труење од оџаците или сечењето и палењето на шумите. До следните избори, до следната инспекција.

Плачејќи по „белите мечки“, не сме свесни дека водата ни стигнала до појасот. Крајно ниво за да се запрпелкаме. Кога ќе стигне до гуша, ќе биде доцна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот