Во војна без победници, Нетанјаху изгледа како најголем губитник
Во војна во која нема победници, израелскиот премиер се чини дека е најголемиот губитник додека влегува во кревко и нејасно примирје со Иран, објавува „Гардијан“.
Препорачано
По години закани на Бенјамин Нетанјаху кон Иран, неговите настапи на Генералното собрание на ОН, сомнителните досиеја што постојано ги објавуваше во светските медиуми и дипломатскиот притисок врз последователните американски претседатели да се согласат на војна со Иран, израелскиот конфликт заврши со целосен неуспех, според анализата на „Гардијан“.
Проценката на американската разузнавачка заедница дека израелските предвидувања за промена на режимот и револуција во Иран биле „фарса“ се покажа како точна. Проценката на Израел дека војната ќе трае, во најдобар случај, неколку дена, а во најлош случај, неколку недели, беше целосно погрешна.
Дури пред два дена, според израелскиот Канал 12, Нетанјаху го повикувал Доналд Трамп да не се согласува на прекин на огнот. Американскиот претседател накратко ги упатил своите геноцидни закани кон Техеран, а потоа попуштил, а Израел наводно бил тргнат настрана во процесот на донесување одлуки.
„Никогаш во нашата историја не се случила таква политичка катастрофа. Израел не бил никаде близу до масата кога се донесувале одлуки за суштината на нашата национална безбедност“, напиша израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид на мрежата X.
„Војската направи сè што беше побарано од неа, а јавноста покажа извонредна отпорност, но Нетанјаху не успеа политички, ниту стратешки да постигне ниту една од целите што си ги постави пред почетокот на војната. Ќе бидат потребни години за да се поправи политичката и стратешката штета што Нетанјаху ја предизвика преку ароганција, небрежност и недостаток на стратешко планирање“, рече тој.
Лидерот на левичарската Демократска партија, Јаир Голан, исто така го нарече прекинот на огнот „стратешки неуспех“ од страна на Нетанјаху.
„Тој вети историска победа и безбедност со генерации, а во пракса претрпевме еден од најтешките стратешки порази што Израел некогаш ги доживеал“, рече Голан на мрежата X. „Тоа е целосен неуспех што ја загрозува безбедноста на Израел во годините што доаѓаат – додаде тој.
Реалноста е дека Нетанјаху инвестираше сè во оваа војна, и бидејќи не успеа да го обезбеди падот на теократскиот режим, да ги заплени залихите на високо збогатен ураниум на Техеран или сериозно да ја ослабне државата, глобалната позиција на Израел, веќе сериозно оштетена од неговите акции во Газа, каде што е обвинет за геноцид, дополнително се влоши, наведува британскиот медиум.
На безбедносниот фронт, и покрај тврдењата на Трамп, моќта на Исламската револуционерна гарда е зајакната, бидејќи Техеран, барем засега, ја постигна својата примарна цел а таа е да преживее едномесечен напад од страна на двете најголеми воени сили во светот.
Во меѓувреме израелските напади оставија ослабен, но и натаму функционален ирански режим со значајни воени капацитети, кој најверојатно ќе се обиде брзо да се вооружи и да возврати.
Ескалација без јасен резултат
Продолжувањето на офанзивата на Израел во јужен Либан се оценува како ризично, бидејќи директно ги судира израелските сили со Хезболах, кој има силно искуство во борба на сопствен терен. Масовните воздушни напади без предупредување дополнително ја влошуваат ситуацијата и се доживуваат како казнени акции по неуспехот во Иран.
Политички и дипломатски последици
Последиците за премиерот Бенјамин Нетанјаху како што се наведува во анализата се видливи и на меѓународен и на домашен план. Во САД опаѓа традиционалниот консензус за поддршка на Израел, со критики и од левицата и од десницата. Истовремено, Нетанјаху се соочува со притисок и дома, бидејќи не успеа да постигне клучни цели од војната.
И покрај реториката за „егзистенцијална закана“, условите на терен остануваат речиси непроменети. Прашањето за нуклеарната програма на Иран, исто така, не е затворено, а предложената рамка за преговори од Доналд Трамп наликува на претходни договори што Израел ги критикуваше.
Аналитичарите оценуваат дека слабостите на стратегијата, вклучително игнорирање на експертите и недоволно разработени планови придонеле за ваквиот исход. Дополнително, малку е веројатно дека САД повторно би дале целосна поддршка за слична воена кампања, особено поради ризикот од поголема ескалација и непопуларноста кај американските гласачи.
Сето ова отвора клучно прашање за иднината на политиката на Нетанјаху, кој, според критичарите, веќе неколку пати најавува „целосна победа“, без таа да се оствари.


