Во училиштата и градинките во Битола зголемен е бројот на заболени деца со варичела
Во битолските основни училишта и детските градинки, зголемен е бројот на заболени деца со варичела, меѓу луѓето позната како овчи сипаници.
Препорачано
Од Центарот за јавно здравје Битола информираат дека додека за време на Ковид пандемијата бројките на заболени беа незначителни, оваа година заклучно со декември таа бројка изнесува 570 заболени.
-Варичелата или меѓу луѓето позната како овчи сипаници, е вирусно акутно респираторно заболување кое најчесто ги афектира децата во претшколска и во школска возраст. Станува збор за доста заразна болест и 90 проценти од лицата кои што биле во контакт со заразено лице а притоа немаат имунитет и претходно не ја прележале болеста, или не биле вакцинирани, ќе се разболат. Болеста се манифестира со еден карактеристичен исип кој прво се јавува како симптом кај децата без претходно да се јави некој друг симптом, меѓутоа во некои случаи може три дена пред појавата на исипот да се јави покачена телесна температура. Инкубацијата на болеста e приближно две недели, тоа е период откога лицето ќе дојде во контакт со друго заразено лице, додека се јават првите симптоми. Осипот најпрво се јавува кај главата, го зафаќа лицето и на екстремитетите. Но, најизразен е исипот на градниот кош и на грбот-вели д-р Светлана Поповска Кљусева, спец. епидемиолог во Центарот за јавно здравје Битола.
Таа додава дека кај заболениот најпрво се јавуваат црвени дамки во кожата, што потоа изгледаат како меурчиња исполнети со течност, па меурчиња со гној, за на крај да се исушат и да се формираат красти.
Болеста се пренесува респираторно и преку допир на предмети што заболено лице претходно ги користело.
-Во однос на превенцијата треба да се избегнува контакт со заразените, тие што се болни да останат во домашна изолација, со цел да не ја пренесуваат болеста на останатите лица. Инаку, во нашата држава нема вакцина која што е задолжителна во календарот за имунизација за варичела, меѓутоа вакцината ја има Центарот за јавно здравје Битола и се дава по епидемиолошки индикации и таа е бесплатна-додава епидемиологот Поповска Кљусева.
Според епидемиолозите, варичелата може да се појави и како мала епидемија во училиштата и градинките. Најчесто се јавува во зимскиот период, кога луѓето најголемиот дел од времето го поминуваат во затворени простории.
Компликации може да се појават кај возрасните лица, а најголемата превентивна заштита е максимално да се избегнува контакт со заразено лице, а заболените лица да останат во домашна изолација.
Од Центарот за јавно здравје-Битола велат дека зголемување на бројката на заболени од варичела нема само во градот под Пелистер, туку и на ниво на целата држава.


