Во Сопот ја снема плочата со картата на „голема Албанија“

Ахмети, музеј Сопот, Фото: Фејсбук Ахмети

Плочата на која беше прикажана карта на „голема Албанија“ лоцирана пред меморијалниот центар во Сопот, е отстранета, објави Сител телевизија. Сега пред објектот е останат само каменот на кој била закачена мермерната плоча со спорната карта.

Викендов во кумановското село Сопот беше отворен музеј во рамки на меморијалниот комплекс кој е посветен на жртвите од нападот во Сопот на 4 ноември 1944 година. На настанот присуствуваше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој потоа на Фејсбук објави фотографии од музејот, а под нив напиша:

„Нашата слобода е заснована во крвта на најдобрите синови и ќерки на нашата нација, во големината на нивниот патриотизам. Вечен нека им е споменот! Слава на сите маченици и маченици на нацијата!“
Фотографијата со картата на „голема Албанија“ предизвика бурни реакции во јавноста, а премиерот Димитар Ковачевски истакнувањето на картата го оцени како задоцнето 145 години. Ако нешто може да ги отслика односите на Балканот пред 145 или пред 200 години, оцени Ковачевски, се такви слични карти што ги има секоја балканска држава.

Ваквите настани, рече Ковачевски, секогаш со право предизвикуваат бура реакции кај граѓаните.

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски преку соопштение испратено до јавноста информираше дека објектот е дивоградба и дека општината нема издадено документација за градба. Според него, објектот е изграден на државно земјоделско земјиште.

Тој најави дека ќе поднесе пријава до полиција против непознат сторител за нелегално изграден објект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот