Во „Шутка“ пронајдени 70 телефони во 40 ќелии – по 1,75 во ќелија
Во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари денеска биле направени претреси во 40 ќелии, при што кај затворениците пронајдени биле 70 мобилни телефони.
Препорачано
Ова во вечерашната „Топ тема“ на „Телма“ го откри директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, кој посочи дека постојаната затворска полиција редовно правела претреси, но во нив се наоѓале само по неколку телефони кои веќе се неупотребливи.
„Денес, од страна на интервентната единица, 15 затворски полицајци беа од друг затвор, кои не се од затворот „Шутка“ и направија претрес во 40 ќелии. Пронајдени се 70 телефони. Што да ви кажам, имаме многу корупција во Македонија“, вели Пандов.
Темата со телефоните во затворите стана актуелна откако се појави фотографија на која се гледа 20-годишниот Васил Јованов, осомничен за несреќата во која загина 22-годишната Фросина Кулакова, со телефон во дворот на затворот. Пандев рече дека телефонот му е одземен, како и дека полицаецот кој му го донел е суспендиран. Според директорот, од неговото доаѓање на функцијата, се водат постапки против 100 затворски полицајци.


