Во Штипската болница сите радиолошки техничари работат иста работа со зрачење, а само една од нив зема повисока плата – утврдена е дискриминација

Клиничката болница Штип ги дискриминира радиолошките техничари што работат таму, затоа што не им дава додаток на плата за образованието што го стекнале, утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Станува збор за медицински персонал што работи на одделот за радиодијагностика, односно за дипломирани радиолошки технолози.

Радиолошките технолози учат факултет за ништо, бидејќи на платите не им се гледа

Од 12 радиолошки техничари на одделот во штипската болница само на 1 му е признаено правото на додаток на плата за образование. Иако сите радиолошки технолози на одделот во клиниката работат исти испитувања – вршат компјутерска томографија и магнетна резонанца на пациентите образовниот статус не само што не им е вреднуван на најголемиот дел од нив, туку се и помалку платени.

Ова според наведеното во мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се случува иако сите 11 лица работат на истата медицинска апаратура со колегите што го добиваат додатокот. До комисијата за заштита од дискриминација оштетените ги испратиле и своите сертификати за завршена обука преку Здружението на радиолошки технолози.

Согласно таквите околности и факти Комисијата утврди продолжена индиректна дискриминација врз основа на образование врз вработените со звање дипломиран радиолошки техничар сторена од ЈЗУ Клиничка болница Штип. Комисијата утврди дека од вкупно 12 вработени во одделот за радиодијагностика, само на едно лице во подолг временски период му се пресметувала и исплаќала повисока плата споредено со останатите вработени. Сите 12 вработени на позициите дипломиран радиолошки техничар извршувале исти работи. Всушност, сите 12 вработени извршувале работа со еднаква вредност а само една здравствена работничка остварувала повисока плата споредено со останатите 11 и тоа уште од септември 2021 година, пишува во мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Штипската болница сметала дека не ги дискриминира овие радиолошки техничари кои имале по 180 кредити и дека платата им се утврдува според коефициент. Стручното високо образование според колективниот договор им се признава на медицинските лица кои го стекнале од 30.11.2015 до 31.07.2021.

Комисијата ѝ препорача на Клиничката болница Штип во рок од 60 дена да ја отстрани оваа индиректна дискриминација врз дипломираните радиолошки техничари кои се во понеповолна позиција споредено со вработената, со тоа што ќе ја отстрани нееднаквоста меѓу вработените, а во спротивно болницата ќе се соочи со прекршочна постапка пред суд.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот