Во школата „Бабец“ во Битола веќе дванаесет години се раѓа љубовта кон театарот
Театарската школа „Бабец“ одбележува 12 години постоење, 12 години светлина на сцената. Дванаесет години детски гласови што стануваат силни, храбри и вистинити. Дванаесет години соништа што добиваат форма, движење и аплауз.
Препорачано
Школата ја раководи актерката Јулијана Мирчевска, дипломиран актер и магистер за откривање и работа со надарени и талентирани деца. Школата брои над 25 деца. Театарската школа „Бабец“ е основана на 5 април 2014 година и е прв професионален едукативен центар посветен на театарот.
„Бабец“ не е само школа – таа е првиот чекор кон светот, првиот глас пред публика, првата победа над тремата и првото откритие дека уметноста живее во секого од нас. Тука растат генерации што учат да слушаат, да чувствуваат, да создаваат и да веруваат.
– Тука се раѓа љубовта кон театарот – онаа што не згаснува. Поголемиот дел од вас веруваа во нас од самиот почеток и токму поради Вас и Вашата љубов кон нашиот Театар успеавме газејќи по трња храбро да се искачиме кон ѕвездите. Голема благодарност до нашата публика за поддршката изминатите 12 години, бидете со нас и заедно ќе го продолжиме патот кон ѕвездите создавајќи убави спомени кои ќе ги паметиме засекогаш – истакнува Јулијана Мирчевска и додава: „Нека оваа сцена продолжи да блеска, да создава, да воспитува и да инспирира. Нека секое дете што ќе зачекори во ‘Бабец’ ја пронајде својата светлина.“
Во оваа школа се создаваат генерации на млади луѓе кои токму поради истата, го засакаа театарот. Дел од претставите создадени во оваа школа се: „Вреќа полна желби“, „Сакам да сонувам“, „Зоки Поки“, „Тажната нула“, „Трите прасиња и Дедо Мраз“, „Дојдовме“, „Снежана и седумте џуџиња“, „Јас, Македонија“, „На гости кај Кате и Фреда“ и други.


