Во САД уапсен бивш директор во ФБИ, примал рушвет од рускиот олигарх Дерипаска

Олег Дерипаска/ ФотоEPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Поранешниот висок функционер на американското Федерално биро за истраги (ФБИ) Чарлс Мекгонигал е обвинет за кршење на американските санкции против Москва, бидејќи примал пари од рускиот олигарх Олег Дерипаска, соопшти обвинителството во Њујорк.

Мекгонигал, кој ја водеше контраразузнавачката единица на ФБИ во Њујорк до неговото пензионирање во 2018 година, бил уапсен во саботата, пренесува „Ројтерс“.

Според обвинението, Мекгонигал се согласил да отвори истрага против ривалскиот тајкун во замена за пари од Дерипаска, кој е предмет на американски санкции од 2018 година. Обвинителите велат дека 54-годишниот Мекгонигал исто така работел во корист на Дерипаска во 2019 година, кога олигархот имаше неуспешен обид да му бидат укинати санкциите.

Дерипаска е основач на една од најголемите светски компании за алуминиум, „Русал“.

Поранешниот функционер на ФБИ се очекува да се појави пред федералниот суд во Менхетен подоцна денеска по локално време, заедно со Сергеј Шестаков, поранешен советски дипломат кој подоцна стана американски државјанин и исто така обвинет во случајот.

Дерипаска е на списокот од дваесетина руски олигарси и владини претставници кои беа санкционирани од Вашингтон како одговор на наводното руско мешање во американските избори во 2016 година.

Дерипаска и Кремљ негираа какво било мешање во изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот