Фото: Фејсбук/Археолошки парк Колосеум

ФОТО | Во Рим е отворен таен подземен премин кој го користеле императорите пред 2000 години за да избегнат мешање со „обични“ луѓе

Древен тунел стар повеќе од 2000 години, кој го користеле римските императори за тајно влегување во Колосеумот, наскоро ќе биде отворен за посетители, пренесува Си-ен-ен. Станува збор за ретка можност јавноста да ѕирне во скриените простории на еден од најпознатите светски споменици, каде што некогаш чекореле највисоките слоеви на римското општество.

Тунелот, познат како Комодов премин, долг е околу 55 метри и се протега под самиот амфитеатар во Рим. Бил изграден за да им овозможи на императорите и нивните угледни гости да пристигнат до царската ложа без да се мешаат со толпата.

Името го добил по царот Комод, владетел на Римската империја од 180 до 192 година, познат по својата суровост и суета. Според историските записи, токму во овој подземен премин бил направен обид за атентат врз него. Љубителите на филмовите ќе се присетат дека ликот на Комод беше прикажан во култниот филм „Гладијатор“ (Gladiator), во кој го глумеше Хоакин Феникс.

Фото: Фејсбук/Археолошки парк Колосеум

Тунелот бил откриен меѓу 1810 и 1814 година, за време на француските ископувања под водство на архитектот Карло Лучанџели. Повторно бил отворен во 1874 година, а детално проучен во 1990-тите. За време на реконструкцијата на Колосеумот (2020–2021), археолозите го картографирале целиот премин и започнале нова фаза на зачувување.

Најновата реставрација ги отстранила наслагите од прашина и нечистотија, ги зајакнала кревките делови на малтерот со ласерски алатки и открила мермерни ѕидови украсени со релјефи кои прикажуваат пејзажи и митолошки сцени, меѓу кои и приказната за Дионис, богот на виното и веселбата. Во близина на влезот се видливи релјефи со лов на диви свињи, борби со мечки и акробати, кои го оживуваат духот на спектаклите од античкиот Рим.

„Кога Комодовиот премин ќе биде отворен, посетителите ќе можат да почувствуваат како било да се биде цар“, изјавила археологот Барбара Назаро, раководителка на проектот.

Фото: Фејсбук/Археолошки парк Колосеум

Според Масимо Осана, главниот директор на италијанските музеи, повторното отворање на преминот претставува „значајна пресвртница“ која ја поврзува науката со зачувувањето на културното наследство.

Тунелот се состои од три крака – два во насока исток–запад и еден север–југ – и е опремен со нова осветлувачка инсталација што го имитира дневното светло, стаклени подови низ кои може да се види работата на археолозите, како и тактилни мапи и видео реконструкции за полесна пристапност на сите посетители.

Нови археолошки истражувања, планирани за наредната година, треба да откријат каде точно води Комодовиот премин – се претпоставува дека поврзувал Колосеум со поранешните бараки на гладијаторите. Проектот за обновување е финансиран од Археолошкиот парк на Колосеумот и од Италијанскиот национален план за обнова и отпорност.

Рим ќе наплаќа за пристап до една од најпосетуваните атракции во градот: „Луѓето јадат сладолед и пица на бесценет споменик!“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот