Во Прилеп ќе се одржи промоцијата на книгата „Записи“ од Каролина Мицевска

Новата книга од м-р Каролина Мицевска со наслов „Записи“ ќе биде промовирана на 6 декември 2022, од 18 часот, во киното „Мис Стон“ при ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Станува збор за втора книга од Мицевска, во која преку три целини се отсликани настани во Прилеп, но и луѓе кои придoнеле за градот и луѓе кои биле во посета на градот во изминатите 30 години.

– Книгата е слика, мал исечок од она што сум го запишала низ годините. Поделена во три целини – репортажи, интервјуа и други текстови, книгата е потсет за едно време, состојби, луѓе. Се работи за одбрани новинарски текстови, објавувани во изминатите 30 години во весниците „Нова Македонија“, „Народен глас“, „Зенит“… што ќе се читаат со задоволство – изјавува Мицевска.

Каролина Мицевска е дипломиран новинар, м-р по комуникациски менаџмент и односи со јавноста. Работи како советник за односи со јавноста во НУЦК „Марко Цепенков“. „Записи“ е втора нејзина книга. Првата беше стручна со наслов „Односите со јавноста, социјалните медиуми и јавното мислење“.

Низ годините била соработник со текстови во повеќе монографии. Објавува трудови во ДНУ Прилеп, учествува на меѓународни конференции, а реализирала и десетина самостојни и групни изложби на фотографии во земјава и во странство. За промоцијата на Прилеп во 2016 година ја доби наградата „Трети ноември“ на Град Прилеп.

– „Записи“ – oва едноставно име е најмалиот заеднички содржател на тридецениската новинарска авантура на Мицевска, која одлучи на едно место да ги собере само најзначајните текстови со свој потпис. „Записи“ е ризница во која се грижливо одбрани новинарски бисери, меѓусебно неповрзани и објавувани во годините наназад, но чија вредност токму во ваква форма го достигнува максимумот. Текстовите жанровски се поделени на три целини од вкупно 60 наслови кои, сепак, носат ист печат, ист сензибилитет. Отскокнуваат од просечноста, го надраснуваат новинарскиот израз и се стремат кон повозвишеното. И во сите три дела е содржана убавината на пишаниот збор на Мицевска, нејзината страст кон патувањата и острото око коешто забележува детали, нејзината дарба да го извлече најактуелното и најинтересното од интервјуата и најмногу од сѐ, нејзината умешност како роднокраен гласник надалеку да се слушне за пелагонските природни и културно-историски убавини – напиша новинарката м-р Елизабета Арсоска, која е промотор на книгата „Записи“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот