Во периодот на министерувањето на Тошковски – во регионот запленуваат тони кокаин, во земјава 9,5 килограми!

Македонци во последно време се или жртви на грозоморни убиства или се уапсени за трговија со опојни дроги во странство, но ниту од МНР ниту од МВР нема реакција на овие информации.

Додека во регионот или во Европа се запленуваат тони кокаин, а Македонци се или жртви на грозоморни убиства или се уапсени со опојни дроги во странство, македонската полиција за една година, во периодот на министерувањето на Панче Тошковски, „уловила“ едвај девет и пол килограми кокаин.

Во јули, во товарен брод специјализиран за транспорт за цемент, долг 76 метри, кој полицијата го претресувала неколку дена во водите на островото Мартиник, Франција, беа запленети 4,8 тони кокаин во меѓународна акција изведена во соработка со американската агенција ДЕА. На бродот имало хрватски, црногорски и српски државјани кои биле уапсени, а овој плен се поврзува со убиството на членови на балканскиот картел во Боливија, меѓу кои беше и Македонецот Дејанчо Лазаревски. Тие беа киднапирани, мачени и ликвидирани во Санта Круз.

МНР уште чека одговор од Боливија

 

Иако убиствата се случија пред околу една недела, македонското Министерство за надворешни работи уште нема официјална потврда за идентитетот на македонскиот граѓанин.

Српската полиција приведе Македонец со осум килограми кокаин

– Амбасадата на Република Северна Македонија во Бразил е во контакт со Амбасадата на Боливија, во Бразилија. По добивањето на официјална информација од боливиските власт за идентитетот на жртвите и околностите на настанот, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дополнително ќе ја информира јавноста – е последната информација од МНР.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР), пак, побаравме информации дали против ова лице, сега или во минатото, имало поднесено некакви пријави, но одговор не добивме.

ФОТО: Полицијата заплени четири килограми кокаин од групата на Штекли

Пред неколку дена, македонски државјанин од Скопје беше фатен на автопатот Ниш – Лесковац, а во возилото со кое управувал му биле најдени повеќе од осум килограми кокаин. Во српските медиуми веќе се тврди дека пленот на кокаин во француските води, вреден 50 милиони евра, предизвикал нова војна на криминалните кланови кои тргуваат со дрога од Јужна Америка до Европа, па само за три недели се случија три убиства и мистериозна смрт на водачот на балканскиот картел во затвор во Перу.

Според податоците што ги добивме од МВР, од јули минатата година до јули оваа година запленети биле девет и пол килограми кокаин.

– Во периодот од јули 2024 до јули 2025 година во рамки на регистрираните кривични дела запленети се девет килограми и 474,42 грама наркотична дрога кокаин. Исто така, Министерството во континуитет е активно на полето на меѓународните активности и соработка во насока на откривање на лица инволвирани во недозволена трговија со дрога, што е потврдено и со реализираниот случај во јули оваа година, во кој беше сузбиена организирана криминална група, составена од пет лица кои учествувале во организирање на набавка на наркотична дрога кокаин и нејзино пренесување од европските земји во Северна Македонија. Групата е сузбиена во Северна Македонија, членовите се македонски државјани кои своите криминални активности ги преземале и во земјите членки на ЕУ и во Северна Македонија, со цел понатамошна продажба на дрогата во земјава – велат од МВР за „Слободен печат“.

Од она што го објавуваат регионалните медиуми, во серија рации во Албанија на 7 и 8 август беа уапсени 10 осомничени членови на албанска мрежа на организиран криминал, вклучени во трговија со кокаин од повеќе тони и перење пари.

Грчката полиција пред неколку дена соопшти дека запленила повеќе од 270 килограми кокаин со проценета вредност од над 5,5 милиони евра и уапсила тројца мажи, пишуваат грчките медиуми. Кокаинот бил скриен во контејнер со банани увезени од Еквадор.

Полицијата била информирана од Националната агенција за борба против криминалот на Обединетото Кралство дека кокаинот ќе биде пренесен со брод што се упатува кон северното грчко пристаниште во Солун.

Рекордна заплена на кокаин во Франција, запленети се речиси 10 тони

Пред еден месец, МВР на Бугарија соопшти дека запленило 206 килограми кокаин во возило со дипломатски таблички на граничниот премин „Капетан Андреево“ со Турција. Рекордната количина дрога, со проценета улична вредност од речиси 19 милиони евра, е најголемата заплена досега на бугарска копнена граница.

Операција Ориент Експрес во Бугарија: Конгоански дипломат фатен со кокаин вреден 19 милиони евра во автомобилот

Во овој меѓународен пазар на кокаин и криминални групи, Македонија е мал пазар, споредено со земјите од ЕУ, и мала количина од меѓународниот пазар со кокаин завршува тука.

Нашата држава е транзит-држава, имајќи го предвид фактот со близината на пристаништето во Пиреа и пристаништето во Солун. Организираните криминални групи кои се дел од меѓународните криминални групи за недозволена трговија со кокаин, најчесто делуваат со нивната недозволена трговија надвор од територијата на Македонија како транспортери-возачи на камиони, улични дистрибутери на кокаин во земјите од ЕУ и скандинавските земји. Македонските државјани организираат транспорти на кокаин од земјите на потекло во Латинска и во Централна Америка до земјите од ЕУ, но тие делуваат надвор од границите на Македонија.

Судења на наркогрупите од Македонија

 

Летово, во Кривичниот суд дел од членовите на наркогрупата Дуќанџиќ – Грчец, беа осудени на 50 години затвор. Во затвор завршија оние што ги командувал Шеваљ Муареми кој, според последните информации, се наоѓа во Обединетите Арапски Емирати и се бара со меѓународна потерница.

Министерството за правда сè уште чека одговор од ОАЕ за екстрадицијата за Шеваљ Муареми

Осудените се товарат дека биле вмешани во купување на 15 килограми и 5 грама кокаин, во негово пренесување и продавање во земјава. Групата, според обвинението, од 2019 до 2021 година неколкупати купувала кокаин од земјите од Јужна Америка и организирала нејзино пренесување преку воден пат до европските земји. Кокаинот што требало да биде продаден во Македонија се пренесувал од Белгија и од Албанија преку Косово, а цела операција ја договарал и организирал Муареми, кој бил водач и на меѓународна група заедно со албански државјанин.

Групата на Шеваљ Муареми е само дел од поголеми меѓународни криминални групи, кои, исто така, се вклучени во организирање набавка и транспорт на кокаинот и најверојатно тие се задолжени за македонскиот пазар на кокаин, дрогата што е „ин“ во последниве години. Но, тројцата предводници на групата Грчец-Дуќанџик не паднаа во рацете на полицијата.

Штекли тврдел дека не е психички способен да го следи судењето – наместо во болница во затвор чека полициска асистенција

Во Кривичниот суд во септември се очекува да се дознае повеќе за судскиот процес што се води групата на Раде Трајковски Штекли, чија група продавала дрога преку интернет и во кафуле во скопски Аеродром. Поголем дел од обвинетите признаа вина, меѓу кои и поранешниот репрезентативец, Дени Масец, а Обвинителството откри дека групата на Штекли ја криела дрогата на градежно земјиште во државна сопственост.

ФОТО: Полицијата заплени четири килограми кокаин од групата на Штекли

Освен за Штекли, Обвинителството поднесе обвинение и за групата Барон – Беланоца, односно за лидерот на групата Фатљум Ајети Тоте, кој од затвор нарачал четири убиства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот