Во Охрид и во Струга нема кревет ни за лек

Фото; МИА

Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија Крсто Блажевски вели дека Охридско-струшкиот регион веќе стана препознатлива дестинација за празникот Илинден затоа што тогаш се одржуваат повеќе концерти.

Хотелските капацитети во Охрид и во Струга буквално се исполнети 100 проценти за продолжениот празничен викенд. Нема место ни во приватните сместувања, а соби се бараат и по пријатели, кои вообичаено не издавале сместување за туристи. Распродадени се од најевтините до најскапите сместувачки капацитети, а како што велат хотелиерите, гости има и од дома и од регионот.

Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија Крсто Блажевски вели дека Охридско-струшкиот регион веќе стана препознатлива дестинација за празникот Илинден затоа што тогаш се одржуваат повеќе концерти.

Со години наназад има голем притисок од туристи за деновите околу 2 август. Во моментов, хотелските капацитети се 100 проценти исполнети, но сѐ е распродадено и преку букинг, како и од оние што приватно си издаваат. Од вторник состојбата ќе се релаксира. Јули и август, генерално хотелиерите добро поминуваат и очекуваме пополнетоста да биде меѓу 80 и 90 проценти. Но, она што нѐ загрижува е како ќе биде во септември и во октомври. Сега, 2 пати неделно има чартер лет од Холандија и такви летови треба да има до крајот на септември. Но летово гостите од странство ќе бидат околу 20 проценти од тоа што ги имало во 2018 и 2019 година – вели Блажевски.

Туристите што се во Охрид се жалат на високите цени за лежалките, во рестораните и на паркиралиштата.

– Лежалка за двајца кај хотелите „Метропол“ и „Белви“ е 400 денари. За некое скромно мезе, без главно јадење, за двајца треба да се издвојат 1.500 денари. Преку ноќ, насекаде се зголеми цената на кафето и на пијалаците за 30 денари. Паркиралиштата се преполни, а цените се превисоки. Охрид стана изгор! – велат охридските туристи.

Охриѓани, пак, се жалат на скусената сезона, на високите трошоци за одржување на објектите, за повисоките цени што ги плаќаат за вработените затоа што нема персонал. Но, од друга страна, и самите тие велат дека годинава може да се забележи поголем наплив на домашни гости отколку во минатите години, но им недостига масовното доаѓање на странците што почна да се случува во последните години пред пандемијата.

Како што може да се забележи и дел од хотелите направија специјални цени околу Илинден кога е шпиц на сезоната. На пример во хотелот „Метропол“ ноќевање со појадок е 62 евра во јули и во август, но во периодот од 23 јули до 8 август цената е 66 евра.

Од понудата на поголемите хотели во Охридско-струшкиот регион, која е јавно достапна, може да се види дека цените за двокреветно сместување за двајца се движат околу 60-ина евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот