Отворање на изложбата во македонскиот КИЦ во Загреб

Во македонскиот КИЦ во Загреб е отворена изложба на Асоцијацијата за култура ИКОН

Во македонскиот КИЦ во Загреб на 26 мај бројната публика имаше можност да се запознае со делата на четворица современи македонски уметници – Ѓорѓе Јовановиќ, Јасмина Главинче, Владимир Лукаш и Вук Митевски – кои преку цртеж, слика, графика, илустрација и анимациски имагинариум ги истражуваат внатрешните пејзажи, личните состојби, сеќавањата и фрагментите на современото искуство.

На отворањето на изложбата „Mind(e)scapes“ на Асоцијацијата за култура ИКОН, свое обраќање имаше директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, која нагласувајќи ја улогата на уметноста како средство за комуникација, интроспекција и општествена рефлексија ја истакна важноста од претставувањето на современата македонска уметност пред меѓународната публика.

Таа додаде дека изложбата „Mind(e)scapes“ преку цртежот, графиката и визуелната поетика воспоставува релација меѓу четири различни, но комплементарни авторски пристапи преку кои се создава дијалог меѓу индивидуалните поетики на авторите и поширокиот културен контекст.

На присутните им се обрати и кураторката на изложбата, Марија Коробар, која претставувајќи го концептот на изложбата и уметничките поетики на авторите истакна дека „изложбата е замислена како простор на внатрешни пејзажи, лични слики, сеќавања, фрагменти, хумор, тишина и имагинација. Насловот ‘Mind(e)scapes’ игра со поимите mindscapes и escapes, отворајќи можност да размислуваме за уметноста како ментален простор, но и како бегство од секојдневното. Изложбата се фокусира на менталниот пејзаж како уметнички мотив и истражувачка алатка – како визуелизација на процесот на размислување, чувствување и спознавање“, истакна кураторката.

Изложбата е дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, поддржана од Министерството за култура и туризам и ќе биде отворена до 2 јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот