Во кошаркарскиот клуб Гостивар незадоволни од третманот на Општина Гостивар

гостивар мзт
Во 2021 беа одобрени 2 милиони денари, од кои досега исплатени се само половината/фото: КФСМ

Оваа сезона кошаркарскиот клуб на Гостивар моментно се наоѓа на четвртото место во шампионатот и е во трка за титулата.

И во 2021 година жилаво се бореше со останатите тимови во најелитното кошаркарско натпреварување во земјава. Четвртата позиција на табелата во првенството претставува одличен и најголем успех на спортски колектив од Гостивар.

Но, пред заминувањето на 2021, КК Гостивар сака да се осврне на нешто друго и да ја информира јавноста пред сè онаа од Гостивар, за индолентниот однос и негрижата на Општина Гостивар кон најголемиот спортски амбасадор, Кошаркарскиот клуб Гостивар.

– Со одлука на Советот, на КК Гостивар во текот на 2021-ва беа одобрени 2 милиони денари, од кои до денес, 27 декември, исплатени се само половината, 1 милион. Го повикуваме градоначалникот да ја испочитува одлуката, која е законска и носи законски последици, и да ги исплати доделните средства за КК Гостивар во целост и како татко на градот да го преиспита во иднина својот однос кон спортот во градот воопшто и посебно кон КК Гостивар. Изгласаните средства кои ни се доделени на седницата на 28.01.2021 прецизно проектирани во буџетот за 2021 година и се прекупотребни. А поради дилетантниот однос, непочитувањето на одлуките и несносењето одговорност за постапките, директно се загрозува и судбината на клубот.

Дообјаснуваме дека секоја календарска година, од општинскиот буџет се „издвојуваат“ средства за спорт, кои советниците гордо ги гласаат со изговор како го сакаат и поддржуваат спортот во Гостивар. Се делат пари на ФК Гостивар, КК Гостивар, РК Јехона, Шаховски клуб, помали фудбалски клубови, летачки клубови, карате, кик бокс, скијање и многу други спортски субјекти. И ако се делат, треба да се делат на сите!! Тоа се јавни пари наменети за поддршка на спортот во нашиот град и за ништо друго! И наместо константно да се тежнее ставката Спорт и рекреација да се зголемува, еве за наредна 2022 истиот е преполовен, на 4 мил денари, што е дефакто доказ колку е важен спортот во Гостивар за властите. И сето ова во услови кога од година во година буџетот на градот се зголемува, така да за 2022 година достигне износ од 18.634.000 евра со ставка спорт 65.000 евра.

Сакаме јавно да ги запрашаме одговорните, Градоначалникот кој располага со општинската каса и советниците од сите партии кои не си ги почитуваат сопствените одлуки.

Со што Кошаркарскиот клуб Гостивар заслужува ваков третман, кога 5 години по ред никогаш во целост не се испочитувани одлуките на Совет за доделување средства на КК Гостивар? Дали некому му пречи успехот на клубот, или пак пречи тоа што на ниедно друго место не може да се сретнат 500, 1000 па и 2000 задоволни и среќни луѓе како на натпревар на КК Гостивар? Дали пречи радоста на победите кои ги носи КК Гостивар на овие луѓе, па свесно некој сака да им ја одземе?Или пак некоја трета причина, со која свесно сака да се наштети на клубот?Никогаш не сме побарале дополнителни средства надвор од изгласаните, туку оние кои преку своите претставници во Советот кои ги избрале, ни ги одобриле граѓаните на Гостивар. Револтот е најголем поради тоа што за разлика од останатите клубови кои изгласаните пари си ги добиваат во целост, единствено кога треба да се исплатат средствата наменети за КК Гостивар се измислуваат разни изговори и не се почитуваат одлуките донесени од Советот. Да се разбереме, станува збор за нецели 10% од вкупниот годишен буџет на клубот, пари кои се смешни за општинскиот буџет, а значајни за развојот на кошарката – пишува во соопштението на КК Гостивар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот