Во КИЦ-Скопје се изложени дела во мал формат и минијатури на членови на ДЛУМ
Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) на 2 ноември, со почеток во 20 часот, во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје ќе ја отвори традиционалната изложба „Мал формат / Миниартура“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Малиот формат и минијатурата се чести модели на запишување на фази од процесот на реализација на ликовните дела и со тоа се дел од тековната продукција на ликовните уметници. Во тој процес и продукцијата на финални ликовни дела во помал формат е од особено значење, бидејќи дава посебно место на јасната идеја, прецизноста во реализацијата на делата и актуелност на понудениот концепт.
На изложбата „Мал формат / Миниартура“ ќе бидат презентирани дела во дводимензионален и тридимензионален формат, цртежи, слики, колажи, скулптури, објекти, графики и дела во други техники, со што ќе се претстави ликовното богатство креирано од членовите на ДЛУМ.
– И оваа 2023 година ДЛУМ со задоволство ќе ја продолжи традицијата и презентирањето на актуелни уметнички вредности пред македонската професионална јавност и пошироката публика. Со селекција на дела за оваа изложба, ДЛУМ ги поставува овие формати како инспирација на високо професионално ниво – истакнуваат од ДЛУМ.
Друштвото на ликовни уметници на Македонија за двете изложби ќе ги додели традиционалните награди за авторите-учесници на изложбата.


