Во издание на „Сакам книги“ ќе биде објавен трилер-романот „Излез“ од Саша Богдан

На претстојниот Саем на книгата, што ќе се одржи од 4 до 10 мај, во Арената „Борис Трајковски“, под мотото „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“, ќе биде претставен новиот роман на авторката Саша Богдан со наслов „Излез“. Романот е во издание на „Сакам книги“, како дел од едицијата „Наши, а светски“.

Саша Богдан досега има издадено две книги, новелата „Здравица“ и романот „Коронтин“. Овој пат таа авторски се претставува низ едно потенцијално филмско сценарио на одличниот трилер „Излез“, преку кој домашната книжевна сцена излегува од својата комфорна зона на теми и идеи.

Во основата на содржината се пет главни ликови што го креираат патот на заплетот и со неверојатна брзина и леснотија ја градат приказната. Повеќеслојна приказна од емотивен карактер, со длабок приказ на тоа што може траумата, доживеана одамна, да креира денес или во иднина. Во која насока може да ги одведе животите на другите сето она што е потиснато и необработено на психолошко поле.

Протагонистите во романот со својот физички хендикеп го отвораат прашањето дали физичките пречки се вистински пречки или психолошките лузни се оние што се вистински хендикеп на секој од нас.

Истражувачката природа на Саша Богдан повторно креира приказна со хируршка прецизност, одлично осмислена композиција и тек на настани, и токму затоа треба да се најде на списоците на вљубениците во добриот трилер.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 176, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29.04.-01.05.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот