Во издание на „Бункер“ вториот графички роман од серијалот „Чанбара“ доби македонски превод
Стрип-издавачот „Бункер“, во рамките на едицијата „Апсолутни почетници“, објави нов графички роман со наслов „Чанбара 2“ од италијанските автори Роберто Рекиони (сценарист и долгогодишен главен уредник на популарниот италијански стрип-серијал Дилан Дог), Андреа Акарди (цртач на некои од најпознатите италијански стрипови, како Текс Вилер), Габриела Конту (Дилан Дог, Текс, Загор,…) и Валтер Вентури (Загор, Марти Мистерија, Текс,…).
Препорачано
Станува збор за вториот интеграл од прочуениот стрип-серијал „Чанбара“ во кој се опфатени третата и четвртата приказна. Ова е поново остварување на италијанскиот издавачки гигант „Серџо Бонели Едиторе“, кој повеќе децении на нашите простори е познат по популарните јунаци: Дилан Дог, Марти Мистерија, Загор, Текс Вилер, Мистер Но… Терминот чанбара на јапонски сленг означува борба со мечеви и има посебно место во златната ера на филмот во Јапонија помеѓу четириесеттите и шеесеттите години од минатиот век.
Стрипот дава минуциозен опис на феудалните околности во Јапонија во 17 век. Покрај внимателно изградената структура на ликовите, во него детално се прикажани и зафрлените села, куќите, оризовите полиња, ентериерот. Со збор и слика, истовремено брутално, но и одмерено и елегантно, приказните на мајсторски начин раскажуваат за најчесните јапонски воини, во духот на традицијата во која мудроста постепено им се открива на оние кои се подготвени да го следат нејзиниот пат.

Македонскиот превод на делото е печатен во форма на репрезентативно библиофилско издание во тврд повез. Покрај македонското издание, преводи од интегралните изданија на „Чанбара“ досега се објавени и во Франција, Шпанија, Мексико, Бразил, Србија…
Преводот од италијански јазик е на Борјана Мојсовска, а лектурата на Милена Стојановска. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски (Тотем д.с.). Објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик го поддржа Министерството за култура и туризам. Издавачот „Бункер“ веќе 15 години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 310, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-8.12.2025)


