Во Грузија уапсен лидерот на опозицијата, осомничен е за обид за палење на судот
Лидерот на грузиската опозициска Граѓанска партија, Александар Елисашвили, беше уапсен денес под сомнение дека се обидел да ја запали зградата на Градскиот суд во Тбилиси, соопшти Министерството за внатрешни работи на земјата.
Препорачано
Во соопштението на министерството на Фејсбук се вели дека Елисашвили рано наутро скршил прозорец со чекан, влегол во зградата на судската канцеларија во Тбилиси, а потоа истурил бензин околу канцеларијата, пренесуваат медиумите.
Министерството додава дека Елисашвили бил вооружен и дека нападнал судски службеник за време на притворањето.
Граѓанската партија, која припаѓа на коалицијата „Лело-Силна Грузија“, е една од трите главни опозициски групи во земјата, врз која властите вршат сè поголем притисок.
Владејачката партија „Грузиски сон“ поднесе барање до Уставниот суд за забрана на трите главни опозициски групи, додека неколку опозициски политичари веќе се во притвор, егзил или се соочуваат со кривични обвиненија, за кои се сомнева дека се политички мотивирани.
Елисашвили беше уапсен еден ден по протестот што се одржа во Тбилиси по повод една година од протестите против одлуката на владата да ги прекине преговорите за членство во Европската унија (ЕУ).
Партијата „Грузиски сон“ се обиде да го ограничи движењето со заострување на правилата за јавни собири, како и со донесување низа закони насочени кон групите за човекови права, невладините организации и независните медиуми.


