Во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ се одржа разговор за книгата „Каде леташ, Јулија?“ од Хана Корнети
Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје на 5 ноември се одржа разговор со писателката Хана Корнети, чија збирка раскази „Каде леташ, Јулија?“ е книга на месецот и дел од четвртиот циклус на големата кампања „Читаме современи македонски автори“. Разговорот со Хана Корнети го водеше Александра Јуруковска, а фрагменти од делото читаше актерот Андреј Серафимовски.
Препорачано
– Библиотеките се светост. Тие се посебен свет, волшебни и неверојатно демократични места. Среќна сум и почестена што мојата збирка е книга на месецот во Градската библиотека. Ви честитам на целата стратегија што ја правите за нашата видливост. Профилот на современиот македонски автор е многу хетероген, како и жанровската понуда, па ова што го правите е навистина многу важно – истакна Хана Корнети.
Хана Корнети (1992, Скопје) е авторка на збирката раскази „Млечни заби“ (2021, „Или-или“), романот-фантастика за деца „Илина и шумските тролови“ (2023, „Или-или“), чиј втор дел се очекува наесен во 2025, нефикцијата „Croprising: Good Weeds & Bad Gardeners – A Guide“ во соработка со Ивана Чалоска и Димитар Самарџиев (2023, „Приватен принт“) и „Каде леташ, Јулија?“, уште една збирка раскази за возрасни (2025, „Или-или“).

Добитник е на награди за краток расказ и за пиеса, додека „Илина“ влезе во потесен круг за „Роман на годината“ и е финалист на регионалниот избор „Штефица Цвек“.
Во слободното време пишува аматерска музика, со еден издаден албум, „Голи песни“ (2023, „Шарла рекордс“) и градинарува, генерално без многу успех (но, битно растенијата преживуваат).
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 306, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.11.2025)


