Во градинките во Карпош се воведува стручна поддршка за децата со разведени родители

Стефан Богоев / Фото: Општина Карпош

Воспитувачки, негувателки и стручен тим од сите објекти на градинки во Општина Карпош ја завршија Превентивната програма за работа со деца во градинки, за надминување на последиците од разводот на родителите.

Од прес-службата на Општина Карпош информираат дека преку Здружението на психотерапија и едукација „Амигдала” – Скопје успешно беше реализирана обуката, која ја спроведоа проф. д–р Драгана Батиќ, психолог, Анета Апчева, педагог и вработена во Центарот за социјална работа – Скопје, како и Маргарита Николовска, психолог, психотерапевт.

– На листите на стресни животни настани, разводот се наоѓа при врвот, при што посебно ранлива група претставуваат децата. Оттука, општина Карпош се одлучи финансиски да ја поддржи реализацијата на овој проект со 170.000 денари, посочуваат од општината.

Во градинката „Пролет” во Козле денеска градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев заедно со професорката Батиќ ги доделија сертификатите на вработените од предучилишните установи кои ја поминаа обуката.

 

Богоев истакна дека општината примарно е надлежна за одржување на инфраструктурата на градинките на своја територија. Посочи дека Карпош исто така соработува и вложува во правилниот развој на децата.

– Добро е што целиот воспитен кадар од градинките помина низ процес на обука за правилна работа со деца на разведени родители. Разводот е еден од најголемите стрес – фактори особено кај децата и апсолутно дека мора да работиме на нивна поддршка и колку што е можно помалку последици од оваа состојба, рече Богоев.

Проф. д-р Драгана Батиќ ја истакна важноста за грижата за менталното здравје и притоа додаде дека, за оваа проблематика треба повеќе да се зборува во градинките и основните училишта. – Учејќи ги младите од рани години, на механизми за справување со стресни ситуации, неуспеси и слично, ќе придонесеме во креирање на поздрава средина и поодговорни и зрели граѓани, рече Батиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот