Отворање на изложбата во Галерија „Остен“

Во галеријата „Остен“ е поставена изложба на дела од Вангел Наумовски: Самоук сликар од бајките

Самостојна изложба на слики, цртежи и графики (од колекцијата на „Остен“) на македонскиот сликар и самоук надреалист Вангел Наумовски од 27 јуни до 30 август е поставена во Галерија „Остен“.

Официјалната програма на „Остен Биенале Скопје 2024“ почна со отворањето на самостојната изложба на слики, цртежи и графики (од колекцијата на „Остен“) на македонскиот сликар Вангел Наумовски (1924 – 2006).

За неговото извонредно творештво, на Вангел Наумовски на „Остен Биенале Скопје 2024“ му е доделена наградата „Светско културно наследство“, со која пригодно ќе се оддаде почит по повод 100-годишнината од неговото раѓање (1924) и 100-годишнината од појавата на надреализмот (1924 – 2024).

Во колекцијата на „Остен“ се наоѓаат 65 дела од Вангел Наумовски, и тоа слики, цртежи и графики. За изложбата е направен избор на дела од различни фази на неговото творештво, кој се протега од неговите почетоци со надреалистичкиот стил (сликата масло на платно „Без наслов“ од 1964 г.), па сѐ до последните фази на неговото творештво (цртежи, креони во боја на хартија, 1994 – 1995 г.).

За подобро информирање на публиката за значењето на Вангел Наумовски и неговото творештво, во рамките на изложбата се прикажува филм за Вангел Наумовски од серијата „Портрети“ во продукција на Телевизија Скопје (Редакција за култура и уметност – уредник: Влада Урошевиќ | сценарио: Гордана Бошњакоска / Благоја Марковски | режија: Благоја Марковски, 1981 година).

Вангел Наумовски е македонски сликар со светско реноме. Роден е во охридското село Скребатно во 1924 година. Се запишува во Средното уметничко училиште во Скопје, но во 1947 година е исклучен од истото како „неталентиран“.

Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, додека неговата прва изложба е во родниот град Охрид во 1954 година. Потоа следувале нови изложби, награди и признанија. Првпат во странство Наумовски се претставил во 1961, додека во 1967 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое на изложба во 1969 година му ја доделува наградата „Свадбен венец“. Истата година од градот Охрид ја добива наградата за сликарство „Седми Ноември“ и тој почнува да се занимава исклучиво со сликарството како слободен уметник.

Фотопортрет на Вангел Наумовски (1924 – 2006)

Во 1970 година изложува во Галеријата „Мона Лиза“ во Париз, на чие отворање се појавил и големиот Салвадор Дали, кој, меѓу другото истакнал: „Ова е сликар од бајките. Тој е сликар – наивец, но Медитеранот оставил силен печат на него. Мошне е префинет и суптилен. Ова е комплетна изложба. Неговото сликарство е блиско до моето. Мене не ме интересираат обичните сликари – наивци. Кај Наумовски има елемeнти што може да бидат дури и научни. Исто така, интересна е и биолошката страна на неговото сликарство“ (извадок од монографијата за Наумовски).

Во 1974 година, Наумовски е награден со Гран-при за сликарство од Колекцијата „Винстон“ во Женева, ја добил и наградата за сликарство „Нерешки мајстори“ на ДЛУМ, а во 1979 година станал член на Италијанската академија за ликовни уметности (Academia Italia de belle Arti e del Lavoro), од каде што е номиниран и за академик.

Дело на Вангел Наумовски од 1964 година

Во Италија е награден и со „Награда на Италија“ (Premio d’Italia) во 1980 година. На првото Биенале на југословенската самоука ликовна уметност во Светозарево во 1981 година добил Откупна награда, а во истата година и Награда за цртеж од Музејот на современа уметност во Скопје. Во 1984 година италијанскиот Центар за студии и истражувања на нациите му доделува „Светска награда за култура“ (Premio Mondale della Cultura) и „Статуа на победата 1984“ (Statuata della Vittoria 1984), a Европската академија од Италија наградата „Европско знаме на уметноста“ со златен медал.

Наумовски има остварено над 30 самостојни и стотина групни изложби низ сите центри на модерната уметност, како Париз, Рим, Лондон и Њујорк, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот. Починал на 13 јуни 2006 година во Охрид.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 238, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.7.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот