Во „Галерија Рудиќ“ е поставена изложба на фотографии од Њујорк на Кервин Кендел Вилиамсон
Изложбата на урбани ноар-фотографии со наслов „Церемонија: Њујорк, Њујорк“ на Кервин Кендел Вилиамсон ќе биде отворена на 14 октомври, во 19 часот во „Галерија Рудиќ“ во Скопје.
Препорачано
Фотографот Кервин Кендел Вилиамсон е талентиран визуелен уметник од Бруклин, Њујорк, кој досега имал соло и групни изложби во Њујорк, Скопје, Битола. Негови дела биле објавувани во САД, Македонија и Шпанија.
– Суштината на Њујорк не е само во неговите култни места, туку и во деловите кои луѓето ги нарекуваат „дома“. Можеби се работи за еден град, но неговите квартови и маала се светови за себе. Естетиката на градот е секогаш и во хармонија и во контраст со колективната перцепција на неговите жители.
Секојдневните аспекти на животот во градот и на оние кои таму живеат се издигнати во духот на фотографи како Гордон Паркс, Кери Меј Вимс, Алфред Стиглиц, Волкер Еванс и Роберт Френк. Делата на авторот се фокусираат на дихотомијата помеѓу носталгијата и воајеризмот – стои во најавата на изложбата во „Галерија Рудиќ“.


