Во Чифте амам ќе се одржи промоција на книгата „Субјект(ивна) политика“ од Артан Садику

Во рамки на својата едиција за критичка теорија, политичка филозофија и современа култура „Пунктум“, која произлезе од платформата за критичка култура „Крик“, издавачот „Контрапункт“ ја објави својата прва книга од македонски автор.

Промоцијата на книгата „Субјект(ивна) политика“ во авторство на Артан Садику ќе се одржи на 24 јануари (вторник), со почеток во 19 часот, во објектот Чифте амам при Националната галерија.

Промоцијата ќе биде во формат на дијалог помеѓу Артан Садику и Славчо Димитров, кој е водечкиот теоретичар во сферата на критичката теорија, родовите и квир наративите.

– Артан Садику е еден од најмаркантните, исклучителните промислувачи на општеството, граѓанинот, новите форми на отпор и поинаквите, отстапувачки и неретко радикални форми на заедницата. Тој и како мислител и како човек се движи по често опасните рабни предели на политичкото, копнеејќи по општество кое нема да биде кастрирано од своите утопии. За Садику теориското никогаш не е само сув академски и епистемолошки меур, туку е апликативна арматура врз која неизоставно мора да се изгради животот – посочуваат од „Контрапункт“.

Во книгата „Субјект(ивна) политика – кон ново поле на политичкото“ авторот Артан Садику преку премислување на основните политички парадигми на денешницата се соочува со предизвикот да се изнајдат одговори на епистемолошките и онтолошките прашања кои се поврзани со процесот на субјективизацијата, со актот на препознавање на вистинскиот настан, со предизвикот на субјективно отклонување од системското наложување, преку воспоставувањето на ново поле на политиката.

Садику ги развива своите размисли за политиката во линија на теориите на дискурзивната анализа кои се воспоставени од страна на голем број современи филозофи, како Фуко, Бадју, Ларуел, Колозова, Алтисер, Лакло, Муф, Делез, Гатари, Терборн, Жижек, Лакан, но и подамнешни автори, како Маркс, Русо, Фројд и други. Сето тоа без конкретно присвојување на само една одредена теорија, туку преку вмрежување на аналитичките методи и пристапи.

Книгата претставува широко поле на интердисциплинарна и комплексна анализа која спојува неколку полиња, како социологијата, филозофијата и антропологијата преку која на одреден проблем му се пристапува во целата негова можна комплексност. Издавањето на книгата е поддржано од Министерството за култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот