Во чест на својот десетгодишен јубилеј „Пијано трио“ ќе одржи концерт во Виница

Камерниот состав „Пијано трио“ минатата година настапи на фестивалот „Охридско лето“

Камерниот состав „Пијано трио“ на 24 јуни, со почеток во 20 часот, ќе настапи во Домот на култура „Тошо Арсов“ во Виница. На програмата се дела од композиторите Ф. Иванов, Р. Леонкавало, Г. Начевски, Ж. Бизе, К. Сен-Санс и Т. Лалие. Концертот се одржува по повод јубилејот – 10 години од основањето на „Пијано трио“.

Составено е од тројца етаблирани музичари – Татијана Петрушевска Караскаковска, прва обоа во оркестарот на НОБ; Марјан Милошевски, прв фагот во оркестарот на НОБ и професор по фагот на ФМУ; Петар Макариевски, пијанист и уметнички соработник при ФДУ.

Тројцата докажани уметници, поттикнати од желбата за истражување на нови композиции и зголемување на својот репертоар, во 2014 година формираа свое трио. Убедени се дека постоење на камерни состави од секаков вид е потребно и продуктивно за музичарите, како од аспект на соработка така и од потребата за зголемување на репертоарот, но и за изведување дела кои не се само за соло инструмент, туку се во соработка со други инструменти.

Формацијата на ова трио овозможува широк репертоар од различни епохи и композиции кои бараат виртуозност во изведбата и се предизвик за концертните подиуми.

Дел од композиторите кои се на репертоарот на ова трио се Х. Брод, Т. Лалие, К. Фридеман, В.А. Моцарт, Ф. Пуланк, Г.Ф. Хендл, А. Вивалди, А. Рајхенауер, Л.В. Бетовен, М. Глинка, Ж. Франсе, а истиот постојано се збогатува со нови композиции.

Својот прв настап „Пијано трио“ го имаше на концертот и промоцијата на ЦД во чест на флејтистот Илија Зимбо во Скопје. Следуваа концерти во Демир Капија, Куманово, Виница, Kрушево, Прилеп, Гевгелија, Берово, Делчево, Кочани, Нови Сад, Скопје, Истанбул.

На својот репертоар секогаш имаат дела кои се изведуваат премиерно во Македонија и наидуваат на воодушевување кај публиката.

Во 2022 година македонските композитори Вања Николовски – Ѓумар и Филип Иванов напишаа дела специјално за ова трио, кои својата светска премиера ја имаа на Фестивалот за камерна музика во Нови Сад, град кој беше „Европска престолнина на културата за 2022 година“.

Во ноември 2022 година триото настапи со рецитална програма на фестивалот „Есенски музички свечености“ со дела од светската литература. Во 2023 година композиторите Костадин Делиниколов и Горан Начевски посветија свои композиции кои имаа светска премиера на „Денови на македонската музика“ (ДММ).

Во јули 2023 година триото настапи со целовечерен концерт на реномираниот фестивал „Охридско лето“. Истата година во септември триото настапи со целовечерен концерт во Македонскиот културен центар во Истанбул, изведувајќи исклучиво дела на македонски композитори.

Она што го карактеризира „Пијано трио“ како состав се: истенчен и моќен звук, интерактивност, прецизност во изведбата, нагласена индивидуалност и виртуозност на музичарите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот