Во Битола ќе се одржи второто издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“

Насловна страница на фестивалскиот каталог

Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ е настан кој претставува широк спектар на етнографски филмски теми и авторски пристапи во истражувањето на традиционалниот, но и на современиот начин на живот на човечките заедници, нудејќи различни сознанија, филмски форми и методологии на работа.

Фестивалот ќе се одржи во малата сала на Центарот за култура во Битола од 19 до 26 јули. Од понудените околу 200 филмови за второто издание на фестивалот избрани се дваесетина, кои ќе ѝ бидат претставени на публиката во Битола.

– Целта ни е да промовираме етнографски филм и визуелна антропологија преку пристапен фестивал, кој ја рефлектира различноста на антрополошките реалности и современите прашања, истовремено обезбедувајќи простори за средби и дијалог. Наша цел е да го демократизираме етнографскиот филм, особено преку бесплатни проекции, но и преку активности за културно посредување – истакнува Тони Гламчевски, селектор на фестивалот.

Веќе втора година овој интердисциплинарен фестивал претставува „голема средба“ околу етнографскиот филм. Тоа им овозможува на различни, често далечни позадини да се сретнат, да разговараат и да размислуваат за дисциплината и прашањата што се од интерес на општеството.

– Сето ова е со цел да се поттикнат истражувачки и креативни пристапи во етнографските документарни филмови, да се едуцира публиката за богатството и различноста на локалните културни традиции, како и да биде глас на совеста за проблемите на современите општества предизвикани од потценувањето на вредноста на културното наследство – посочува Гламчевски.

Фестивалот во наредните неколку денови ќе има завиден опфат на теми од културната и социјалната антропологија од сите континенти. Ќе се повика на далечни сведоштва, без разлика дали таа оддалеченост е географска – започнувајќи од Индонезија, Мадагаскар, Мароко, Непал, Бразил, Мексико, Сенегал, САД, но и филмови и начин на живот блиску до домот – Шпанија, Бугарија, Србија, Франција, Португалија, или временска – „Австралија, Австралија“ и „Дае“ на Столе Попов, за да се илустрира оваа тема. Преку овие филмови, се нуди средба со заедници од сите страни на планетата на кои им е заедничко споделувањето и зачувувањето на нивните обичаи и култура.

Исто така, фестивалот се стреми да привлече македонски автори вклучени во зачувувањето на културното наследство што тие го наследуваат – „Лазаренки“ (Македонија), како потврда дека етнографскиот филм е, меѓу другото, продолжување на она што го започна фестивалот „Илинденски денови“ пред повеќе од половина век – негувањето на изворната фолклорна традиција и зачувување од заборавот.

– Придружете ни се заедно да го позајмиме, времето за средба, филм, приказна или концерт, мноштвото на патеките на животот – апелира Тони Гламчевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот