Во Битола е промовирана монографија за Меѓународното графичкото триенале

Владо Ѓорески

Во изложбениот простор на битолската „Магаза“ пред десетина дена беше промовирана монографијата „30 години Меѓународно графичко триенале – Битола“ на авторот Владо Ѓорески.

Станува збор за исклучително сведоштво за една од најзначајните графички манифестации не само кај нас, туку и пошироко во регионот.

– Оваа книга, всушност, и не е монографија. Таа е атлас на кој е мапиран просторот и на кој се исцртани релјефите на човечките духови и творечките височини. Таа е како „Магна карта“, спомен, сублимирање на триесетгодишно постоење. Во неа е антологиски опфатено времето во кое прецизно се следи процесот како човекот престанува да биде човек и како човекот се претвора во сеќавање. Таа е сведоштво од натоварената, замината барка. Сведоштво дека овде се среќавале сите оние што верувале дека покрај Златното теле постои и нешто друго – загатнува авторот Владо Ѓорески.

На промоцијата на монографијата беше најавено и 10. Меѓународно графичко триенале – Битола 2022 и отворена самостојната изложба на основачот на оваа значајна ликовна манифестација, проф. Трајче Блажевски, добитник на Гран при наградата на 9. Графичко триенале – Битола во 2018 година.

Почетоците на Меѓународното графичко триенале – Битола се датирани во 1991 година, кога по примерот на Љубљанското биенале, Триеналето во Фредикштад (Норвешка) и Триеналето во Краков (Полска), била конституирана оваа графичка изложба.

Поддршка на првото Графичко триенале дал тогашниот директор на Љубљанското биенале, Богдан Кршиќ, кој со доаѓањето во Битола на новото триенале му дал светски легитимитет и професионално признание. На Првото триенале учествувале повеќе од 50 држави, додека со текот на годините бројката се искачила на присуство на уметници од над 160 држави и над 5.000 автори.

Во досегашната историја на Триеналето за најзначајна посета се смета доаѓањето на големиот философ, мистик и графичар со сè уште неразгатната творечка повеќеслојност, Херма Хеблер – организатор и раководител на Триеналето во Фредикштад.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 160, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот